Електронските комуникации се темелот на современата дигитална држава. Со усвојувањето на Законот за електронски комуникации, Собранието направи важен исчекор во спроведувањето на Реформската агенда и во целосното усогласување со правото на Европската Унија, пишува на социјалните мрежи министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

„Овој закон значи јасни правила, поголема правна сигурност и рамка што е компатибилна со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации.

Практичните придобивки се директни и мерливи: подобра и побрза изградба на дигитална инфраструктура, услови за поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи, 5G и нови технологии, поголема конкуренција на пазарот и поквалитетни услуги за граѓаните и стопанството. Тоа е предуслов за е-услуги, дигитална економија и рамномерен регионален развој.

Жал ми е што пратениците на СДСМ не најдоа за потребно да го поддржат овој системски закон, кој не е партиски, туку државен и европски по својата суштина. Дигиталната инфраструктура не треба да биде предмет на дневна политика, туку заедничка обврска кон иднината на Македонија“, стои во објавата на Андоновски.

Exit mobile version