Ана Петровска кандидат за градоначалник на Скопје

Ана Петровска, поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина ќе биде кандидат за градоначалник на Град Скопје на коалицијата Зелен хуман град на претстојните локални избори.

Како што информира на денешната прес-конференција Драгана Велковска од иницијативата Зелен хуман град, веќе почнал процесот на собирање потписи.

– Ние веќе ги поднесовме до четири подрачни канцеларии на ДИК нашите листи така што граѓаните веќе можат да почнат да ги даваат своите потписи и поддршка. После оваа прес-конференција ни остана да поднесеме во подрачното одделение за општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај и веќе ќе биде целиот град Скопје опфатен, од сите општини граѓаните ќе можат да излезат и да не поддржат, рече Велковска, додавајќи дека граѓаните ќе можат да се потпишат за нивната советничка листа која таа ја предводи, но ќе можат да се потпишат и за нивниот кандидат за градоначалник Ана Петровска.

Петровска се осврна на идеите за Град Скопје кои заедно со членовите на иницијативата Зелен хуман град ги имаат доколку ја добијат поддршката од граѓаните.

– Ова е голема привилегија и јас чувствувам еден голем ентузијазам којшто го добивам всушност од овие прекрасни луѓе кои се приклучија кон оваа иницијатива. Ние имаме една заедничка визија, пред јас да ја прифатам кандидатурата тие веќе ги зрееле своите идеи и тези за тоа како треба да се управува градот, а јас незнаејќи за нив направив една компилација од своите идеи, замислете, се поклопивме во 90 отсто, што значи дека ние навистина заедно можеме да ги направиме оние промени кои граѓаните толку желно ги очекуваат, нагласи Петровска.

Пред се, посочи, сакаат да го отворат Градот Скопје кон јавноста, да стане една заедница на учество на сите засегнати страни, на граѓаните, да бидат поотчетни, да зборуваат за начинот како се програмираат и трошат парите на граѓаните.

– Ќе организираме и буџетски форуми каде граѓаните ќе мижат да имаат информации за приоритетните стратешки проекти на Градот и како планираме да ги подобруваме и надградуваме усугите кон граѓаните, услугите на граѓаните се пред се и тие треба да бидат достапни, ќе работиме и на нивна дигитализација имајќи предвид дека и пандемијата е се уште присутна. Ќе ги вклучиме во носењето на одлуки младите, маргинализираните групи и луѓето се хендикеп. За да хуманизираме градот навистина тој да стане зелен хуман град, ќе работиме на нов ГУП што ќе ја запре бетонизацијата, ќе го заштити и унапреди постојното зеленило и ќе воспостави одржлив мобилен систем, значи урбаната мобилност ќе се зајакнува давајќи предност исто така и на алтернативните форми на сообраќај, велосипедизмот и пешачењето за да го спречиме и до некаде намалиме загадувањето на воздухот, потенцира Петровска.

Загадувањето на воздухот, додаде, е многу важна тема и тие, како што рече, се свесни дека како Град нема многу надлежности, меѓутоа, посочи, ќе работат на изработка на краткорочен акциски план кога се надминати праговите за алармирање согласно новиот закон за квалитет на амбиентен воздух и ќе соработуваат со сите институции потпирајќи се на последните научни достигнувања и вградувајќи ги сите потреби и идеи и предлози на граѓаните.

– Ќе работиме на подобрување на управувањето со отпад, со акцент на рециклирање и компостирање за да се намалат количините на отпад за отстранување, пред се ќе го затвориме Вардариште – таа рак рана на градот и ќе работиме на расчистување на оние диви депонии кои во прв ред значат загадување на воздухот заради чадењето, а дури и на водите. Ќе работиме на енергетската ефикасност, особено сакаме да ги направиме енергетски ефикасни сите општински објекти, училишта, болници, и ќе вградуваме фотоволтаични системи, посочи Петровска.

Додаде дека ќе работат и на вклучување и давање простор и можност на младите да се изразат.

Петровска е инжинер архитект кој има работено во развој на урбанизмот, во просторниот план и на ГУП-от на Скопје во 2002 година и на просторниот план за заштита на изворот Рашче од загадување и на одлуката за утврдување на заштитни зони на бунарите Нерези – Лепенец.

– Имам познавања од тоа што значи развој на градот, планирањето на градот на урбаниот развој, но имам и осет и за локалниот економски развој бидејќи имам работено со многу мали и средни претпријатија во мојот професионален живот и сметам дека штитењето на старите занаети и враќањето на традицијата во Старата скопска чаршија исто треба да биде еден од нашите приоритети, заклучи Петровска. 

17.08.2021 - 11:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега