Американскиот амбасадор во Србија: Имав многу добар разговор со Вучиќ

 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Кристофер Хил.

Амбасадорот посочи дека Вашингтон продолжува да ја поддржува ЕУ во напорите за постигнување решенија во Косово и го повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да продолжи со конструктивниот ангажман во бриселскиот процес.

„Конструктивниот пристап е секако начин да се најде решение“, рече Хил по разговорот со претседателот Вучиќ и нагласи дека САД и ЕУ дејствуваат заеднички во однос на Косово, додавајќи дека верува оти двете страни разбираат дека мора да постигнат решение, пренесе „Б92“.

„Имав добар разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Разговаравме за бриселскиот процес“, изјави Хил за новинарите пред Палатата Србија.

Тој рече дека САД се многу задоволни од напорите што ги презема ЕУ и нејзиниот пристап.

„Сметам дека е импресивно што човек со таков ранг и статус, Жозеп Борел, се ангажираше осум часа во решавањето на спорното прашање. Ние продолжуваме да ја поддржуваме ЕУ во нејзините напори“, подвлече Хил. Изрази надеж дека ќе се најде решение, но додаде дека треба да се вклучат и двете страни.

„Конструктивниот пристап е секако начин да се најде решение“, рече тој. Додаде дека не смее да се дозволи итните проблеми да ги засенат важните прашања. Хил рече дека ЕУ јасно ставила до знаење дека се потребни повеќе од 48 часа за да се реши тековното прашање.

„ЕУ јасно кажа дека би сакала да види уште 365 дена“, додаде тој. За вчерашните разговори во Брисел, Хил рече дека нема да зборува за неуспех, но тоа што се случи покажало дека има потреба од натамошни разговори.

По средбата се огласи и српскиот претседател, Александар Вучиќ.

„Го информирав амбасадорот Хил за последната рунда разговори во Брисел и ја споделив нашата загриженост за безбедноста на Србите на Косово и Метохија во светлината на најновите случувања.

Се заблагодарив на САД за ангажирањето во смирување на тензиите и спречување на понатамошни ескалации и посочив дека Србија останува искрено посветена на дијалогот и на решавање на сите отворени прашања мирно и со добра волја, со цел да се зачува тешко стекнатиот мир и стабилност на целиот регион“, напиша Вучиќ на социјалните мрежи.

22.11.2022 - 14:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега