Александрова по гласањето во Собрание: Тоа што ме исклучија од ВМРО-ДПМНЕ го доживеав многу тешко, но не им се лутам

Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Берово, вечерва ја исклучи пратеничката Емилија Александрова од партијата, затоа што на седницата за уставни измени во Собранието, таа беше еден од 8-те пратеници на опозицијата кои гласаа за отпочнување на уставни измени.

„Најпрвин сакам да потенцирам дека синоќа во Собранието на Република Македонија се донесе одлука за отпочнување на постапка за амандманска расправа за измени на Уставот. А за тоа како ќе биде крајното двотретинско гласање, сепак ќе зависи од власта, односно колку е таа спремна за прифаќање на условите кои се наведени во синоќешното соопштение до јавноста. Одлуката беше тешка навистина, свесни за сериозноста на ситуацијата како во државата така и во политиката и какви се бранувањата таа ќе направи посебно во мојата партија. Но јас и моите колеги цврсто веруваме дека тоа што дадовме шанса е правиот пат по кој треба да се движиме, нормално уште еднаш да напоменам со прифаќање на нашите услови“, вели Александрова за порталот „Лидер.

 

Таа додава дека и е тешко што е исклучена од ВМРО-ДПМНЕ, но не се лути.

„Што се однесува на одлуката на партијата да не исклучи, лично ја доживеав многу тешко. Да се биде ВМРО-ДПМНЕ е вистинска чест и мене никогаш тоа чувство на припадност не можат да ми го одземат. Искрено жалам за нивната одлука кон нас, но не им се лутам. Верувам дека разумот на крај ќе преовладува кај сите, затоа што на крајот сите имаме заедничка цел“, посочува таа.

Александрова вели дека се шпекулации тврдењата дека пратениците од опозицијата гласале под притисок или дека биле поткупени.

„Се оградувам од секакви шпекулации, најмногу тоа ни треба во моментов. Сега не чека макотрпна работа во Собранието и ги повикувам сите колеги од ВМРО-ДПМНЕ да ни се придружат, зошто верувам дека ќе донесеме суштински амандмани што е и наша цел. Ова не е конечна фаза во однос на уставните промени. Бараме уставен амандман со гаранција за македонскиот идентитет. Бараме уставен амандман што ќе се важи ако Грција не го ратификува договорот за промена на името, што ќе значи безусловно поништување на сите уставни промени и на Договорот од Преспа. Името за внатрешна употреба да се менува постепено, во зависност од тоа како ќе се реализира членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Прифаќање на иницијативата за простување на сите обвинети за настаните на 27 април и основање собраниско тело со план за национално помирување во рок од 30 дена“, додава таа.

 

 

 

21.10.2018 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега