Албанскиот претседател побара целосно расветлување на случајот кај фабриката за оружје во Грамш

Албанскиот претседател, кој е и врховен командат на вооружените сили, Бајрам Бегај, реагираше по инцидентот што се случи синоќа кај фабриката за оружје во Грамш, каде двајца албански војници беа повредени од страна на двајца руски и еден украински државјанин.

Бегај наведува дека будно го следи случајот и е во комуникација со безбедносните структури и албанската армија, кои ги охрабрува за целосно расветлување на настанот и спречување на ситуации кои ја нарушуваат националната безбедност.

Бегај, кој до изборот за претседател беше на чело на Генералштабот на албанската армија, изразува благодарност и до двајцата албански војници, Алби Бици и Ардијан Џака.

-Со големо внимание го следам настанот во Грамш. Во постојана комуникација сум со безбедносните структури, Генералштабот на вооружените сили, структурите на информативните служби и органите на прогонот, кои ги охрабрувам и поддржувам да продолжат со работата за целосно расчистување на настанот и спречување на какви било ситуација која влијае на националната безбедност.

Благодарност до двајцата припадници на вооружените сили, на кои им посакувам брзо закрепнување, наведува претседателот Бегај во реакцијата.

Инцидент синоќа се случил пред фабрика за оружје во албанскиот град Грамш, кога три лица, две со руски и едно со украински пасош се обиделе тајно да влезат во фабриката, потврди Министерството за одбрана.

Веднаш реагирале војниците кои го обезбедуваат објектот, но при напорите да се спречат тројцата странски државјани, повредени биле двајца војници.

Полицијата соопшти дека во комесаријатот во Елбасан приведени се двајца мажи, Русин и Украинец и една Русинка.

Тие на албанска територија влегле пред некоку дена, а според медиумите основано се сомнева дека се руски шпиони.

21.08.2022 - 13:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега