Министерството за животна средина информира дека во Кичево и Струмица е надминат прагот на алармирање за загадување на воздухот. Поради високите концентрации на ПМ10 честички (над 150 mg/m3) во текот на два последователни дена, воведени се итни мерки за заштита на здравјето и контрола на загадувачите.

Според препораките на Министерството, работодавците треба да ги ослободат од работа бремените жени, лицата над 60 години и хронично болните. За оние кои работат на отворено, се препорачува реорганизација на работното време во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Дополнително, во Струмица се воведуваат засилени инспекциски контроли на фабриките со А и Б еколошки дозволи, како и на градилиштата. Полицијата ќе врши вонредни проверки на техничката исправност на возилата, со фокус на дизел автомобилите, а строго се забранува палење оган на отворено.

Министерството апелира да не се организираат спортски натпревари и културни манифестации на отворено додека трае алармантната состојба.

Exit mobile version