Додека целото внимание беше насочено кон западот, поплавите почнаа да го зафаќаат и Штипско-кочанскиот регион. Кочанска река веќе се излеа кај селото Горни Подлог, каде механизација на КЈП „Водовод“ е на терен. Драматично е и кај селото Грдовци каде Оризарска река излезе од своето корито, а полицијата е принудена да го обезбедува теренот и да го регулира сообраќајот.

Зрновска река исто така е излеана пред вливот во Брегалница, додека кај Македонска Каменица екипите на „Македонија пат“ водат битка со одрон кој го блокира патот кон рудникот Саса.

Најкритичната точка во охридскиот регион во моментов е населбата Далјан. По излевањето на реката Далја, војска, пожарникари и екипи на ДЗС со пумпи очајнички се обидуваат да ја извлечат водата од поплавените домови. Ситуацијата во Кичево останува непроменета – улицата „Прилепска“ и понатаму е под вода, а евакуираните граѓани се под постојана грижа на Општината и Црвениот крст.

Состојба на терен до 18:00 часот:

  • Тетово: Се урна потпорен ѕид во Мала Речица, додека механизација ги пробива патиштата кон Ѓермо и Бањиче. Патот кон Попова Шапка се расчистува со приватна механизација.
  • Битолски регион: ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, а будно се следат коритата на реките Шемница и Црна.
  • Желино: Регистрирани се излевања на вода кај селата Стримница и Палатица.
  • Североисточен регион: Во Куманово и Крива Паланка засега нема излевања, но екипите веќе вршат превентивно посолување на патиштата поради најавениот пад на температурите.

Сите капацитети на ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен, а координацијата се врши преку бројот за итни повици 112.

Exit mobile version