Шумските пожари на југот и во централниот дел на Шпанија – во регионите Уелва, Кастиља и Сеговија, на само околу 90 километри оддалеченост од Мадрид – сè уште се активни, соопштија шпанските власти. Нивното гаснење бара максимална мобилизација и распоредување на голем контингент копнени и воздухопловни ресурси.
Во акцијата за гаснење ширум земјата денеска учествуваат 21 авион и околу 300 пожарникари, меѓу кои и припадници на специјализираната Воена единица за вонредни ситуации, јави шпанската национална телевизија РТВЕ.
Изминатата ноќ донесе одредено олеснување за противпожарните тимови поради падот на температурите и зголемувањето на релативната влажност на воздухот. Сепак, властите остануваат во состојба на зголемена готовност и предупредуваат на опасностите поради најавената промена на правецот на ветерот и значителниот пораст на температурите во наредните денови.
Според податоците од Министерството за еколошка транзиција, ситуацијата со пожарите оваа година е алармантна:
- Досега во Шпанија се регистрирани 40 големи шумски пожари, наспроти 15 во истиот период лани.
- Од почетокот на годината во огнената стихија изгореле околу 200.000 хектари земјиште, што претставува бројка шест пати поголема во споредба со истиот период во 2015 година.


