Загрижувачки тренд на пронаоѓање кучиња со активен микрочип и јасно утврдени сопственици е регистриран на скопските улици, предупредуваат од Јавното претпријатие „Лајка“.

Иако сопствениците се идентификувани, дел од нив одбиваат да ги преземат своите миленици, со што директно создаваат притисок врз капацитетите на прифатилиштето. Само во последниот период биле заловени девет такви кучиња кои газдите свесно ги напуштиле.

Од претпријатието посочуваат дека секое вакво куче претставува потенцијален извор на нови легла на улица, што дополнително го зголемува бројот на бездомни животни.

Иако напуштањето миленик е кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, од „Лајка“ укажуваат на системски недостаток – непостоење на ефикасни прекршочни мерки за санкционирање на оние што ги оставаат чипираните кучиња да талкаат.

„Секој сопственик има етичка обврска да се грижи за миленикот и, доколку повеќе не може, да побара помош, да најде нов дом или да контактира прифатилиште, но не и да го остави кучето на улица“, апелираат од претпријатието, барајќи итно подобрување на системските решенија.

Exit mobile version