Автомотосојузот на Македонија информира дека утрово има намалена видливост од 50 до 100 метри поради магла на планинскиот превој Ѓавато, како и во Крушево.

И покрај временските услови, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено. Коловозите се влажни, а интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, засега, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од Диспечерско-информативниот центар на ЈП „Македонијапат“ соопштуваат дека слаб снег провејува на планинските превои Плетвар, Ѓавато, Буково, Пресека, како и во Крушево, но во моментов не се задржува на коловозот.

Надлежните служби апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност од појава на одрони.

Exit mobile version