Жителите на Општина Кисела Вода добиja можност правилно да го одлагаат текстилниот отпад, откакo беа поставени контејнери за текстилен отпад пред сите месни заедници.

Со ова, Кисела Вода воспоставува функционален и одржлив систем за селектирање и рециклирање на текстилен отпад, во соработка со лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје, овозможувајќи правилно одлагање на употребената облека и домашниот текстил и активно вклучување на граѓаните во процесите на заштита на животната средина.
По новогодишните празници, поставувањето на вакви контејнери ќе продолжи и во основните училишта, со што иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и создавање одговорни навики уште од најрана возраст.
-Со воведувањето на систем за одлагање и рециклирање на текстилен отпад, Општина Кисела Вода прави конкретен и одговорен чекор кон современо управување со отпадот. Нашата цел е на граѓаните да им понудиме практични и лесно достапни решенија кои директно придонесуваат за почиста животна средина и подобар квалитет на живот. Особено значајно е што преку поставувањето контејнери и во училиштата ќе градиме еколошка свест кај најмладите, затоа што токму тие се идните носители на одговорното однесување кон природата. Упатувам благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за партнерскиот пристап и општествената одговорност со која активно придонесуваат кон унапредување на еколошките стандарди и создавање почиста животна средина-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.