Акција за чистење на Охридското Езеро и крајбрежјето во градот

Со поддршка на Делегацијата на ЕУ во земјава денеска во Охрид се одржа акција за чистење на дното на Охридското Езеро и на крајбрежјето од цврст отпад, како дел од пошироката кампања „Чисто како дома исто“ што ја спроведува ЕУ.

Во акцијата учествуваа претставници на Клубот за подводни дејности од Охрид, екипи на „Охридски комуналец“, на Делегацијата на ЕУ, на Министерството за животна средина и просторно планирање, активисти на колективниот постапувач „Нула Отпад ДОО“ од Скопје, Општинската организација на Црвениот крст, невладини организации, граѓани на Охрид…

Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека сите се тука за да учествуваат во акцијата за чистење на околината.

– Ме радува зголемениот интерес од граѓаните, здруженијата, сите субјекти за учество во расчистување на животната средина. Сметам дека тоа треба да го следат и институциите, општините секако имаат голема улога во одржување на чистата околина. Така и планираме, да ги повикаме општините да земат учество во европската иницијативата за годишната награда што се доделува на оние самоуправи што најжустро е ангажираат за одржување на чиста животна средина, рече Жбогар.

Министерот за локална самоуправа и просторно планирање, Насер Нуредини, кој и самиот беше дел од акцијата, во оваа прилика ги повика сите граѓани да се вклучат во сличните иницијативи за почиста средина.

– И благодарам на Делегацијата на ЕУ за спроведувањето на оваа кампања насочена кон подигање на свеста за потребата и важноста од чување на чиста околина и животна средина. Ние како Министерство веќе спроведуваме активности за почиста животна средина, како што се проекти за примарна селекција на отпадот, за подобра енергетска ефикасност, сето во насока на почиста околина и животна средина, рече Нуредини.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, се заблагодари на организаторите на оваа благородна акција во насока на чистење на градот и езерото и зачувување на статусот на УНЕСКО.

– Ние како Локална самоуправа зедовме активно учество во неа, а тоа ќе го правиме и во иднина, со активно учество во организирање и спроведување најразлични акции насочени кон почист град, рече тој.

Во акцијата се вклучи и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски, кој најави дека во иднина и тие ќе организират слични акции, со цел што почисти туристички дестинации, односно земјава да стане препознатлив туристички бренд и преку чистотата.

– Проблемот со чистотата не е сегашен. Задоволство е што се повеќе се буди свеста кај граѓаните за важноста на чистата природа и животна средина. Во истражувањата што ги спроведува Агенцијата се погласни се забелешките на туристите дека нехигиената влијае врз нивната перцепција за дестинацијата, рече Јаневски.

Во рамки на активностите утре во Струга ќе се одржи конференција за Управување со цврст отпад, на која е најавено учество на над педесеттина експерти од десеттина држави, посветена на односната проблематика за која, според упатените, Македонија има добра легислатива, но отсуствува имплементацијата на терен. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.09.2019 - 17:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега