Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа 70 вонредни надзори во Гостиварско со кои беа опфатени угостителски објекти, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници и производители на храна.

Главниот акцент при контролите беше ставен на тоа дали операторите ја почитуваат донесената забрана за употреба на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем.

Инспекторите констатираа дека кај сите контролирани објекти забраната за пиење и миење садови се почитува, односно за работните процеси се користи пакувана и безбедна вода, како и прибор за еднократна употреба.

Сепак, при надзорите беа утврдени други неправилности, при што беа затекнати 11 нерегистрирани правни лица на кои им е изречена привремена забрана за вршење дејност.

Кај 18 оператори е констатирано дека вработените немаат задолжителни здравствени прегледи, додека кај 5 објекти не биле спроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Затекнати се и двајца оператори кои пуштиле во промет 18 килограми небезбедна храна, вклучувајќи виршли, млечни производи и салами, кои веднаш биле нештетно уништени.

Вкупно се изречени 30 парични казни во висина од 7.750 евра во денарска противвредност, заедно со 12 забрани за вршење дејност, опомени и наредби за отстранување на недостатоците.

АХВ апелира до граѓаните и бизнисите да продолжат со почитување на забраната за водата од градскиот водовод со цел намалување на бројот на заболени лица.

Сите неправилности може да се пријават во подрачните единици на АХВ, електронски на info@fva.gov.mk или на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22.

Exit mobile version