Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на граничниот премин Блаце минатата недела спречија увоз на две пратки УХТ млеко од Република Косово, со вкупна тежина од 27.520 килограми, поради утврдено присуство на афлатоксин над дозволените концентрации.
Количините млеко, кои биле наменети за пласман во синџир маркети во земјава, под надзор на официјален ветеринар се нештетно уништени на депонијата Дрисла.
Мострите за лабораториско тестирање биле земени во рамки на Мониторинг програмата што инспекциските служби на АХВ ја реализираат за пратки со храна од животинско потекло при увоз.
Од Агенцијата потсетуваат дека на 17 јули годинава е донесено Решение за воведување посебни безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и производи кои содржат згуснато млеко и млеко во прав.
Со тие мерки се засилени официјалните контроли и задолжителните лабораториски испитувања при увоз, со цел на домашниот пазар да се пласираат исклучиво безбедни и квалитетни производи, како и да се обезбеди заштита на домашните производители и потрошувачите.


