Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на почетокот на месецов спроведоа 39 вонредни инспекциски контроли во домови за стари лица низ земјава. Контролите покажаа дека само еден дом не бил регистриран како оператор со храна во АХВ, за што му е изречена времена забрана за работа, глоба и налог за регистрација.
Од АХВ посочуваат дека еден оператор не ги задоволувал хигиенските стандарди за безбедност на храната, а четири домови немале спроведено задолжителен здравствен преглед за вработените.
- „За утврдените недоследности, кои вклучуваат нередовно водење записи за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, недоставување сертификати за обуки од областа на хигиената на храна, евиденција за набавки, задоцнување со задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и други помали недоследности, издадени се три решенија со наредби за нивно отстранување и две опомени“, наведуваат од АХВ.
За поголеми прекршоци, изречени се глоби во вкупна вредност од 1.550 евра за четири оператори, а од еден контролен оператор беа нештетно уништени шест килограми небезбедна храна.
Од АХВ нагласуваат дека состојбата е значително подобрена во однос на претходните контроли од ноември 2024 година, кога:
- 14 оператори не беа регистрирани како оператори со храна;
- беа нештетно уништени 40 килограми небезбедна храна;
- издадени беа 16 решенија со наредби за отстранување на недоследностите;
- и парични казни беа изречени на 18 домови за стари лица.


