Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до сопствениците на кучиња да ја исполнат законската обврска за нивна идентификација со микрочип и регистрација во модулот за домашни миленици во информативниот систем на институцијата. По завршување на постапката, за миленикот се издава и соодветен пасош.

Од АХВ појаснуваат дека вградувањето микрочип е еднократна процедура, а животното го носи чипот во текот на целиот живот.

Микрочипирањето претставува основа за утврдување на сопственоста, овозможува подобра и навремена здравствена заштита, како и поголема сигурност за сопствениците, особено во однос на контрола и превенција од заразни болести.

Сопствениците чии миленици веќе се микрочипирани се потсетуваат дека имаат обврска да пријават секоја промена на податоците – било да станува збор за сопственикот или за животното – во надлежното ветеринарно друштво, кое треба да ги ажурира информациите во електронската база.

Во базата задолжително се евидентираат и случаи на угинување, губење или продажба на миленикот.

Според Агенцијата, микрочипирањето има за цел трајна идентификација на животните, спречување на нивно напуштање и неконтролирано размножување, како и полесно пронаоѓање доколку се изгубат или бидат украдени.

Exit mobile version