Адвокатот Петре Шилегов, бранител на Шефкет Хазари од Министерството за економија, денеска на судското рочиште за пожарот во Кочани, остро се спротивстави на Обвинителниот акт, тврдејќи дека тој е „правно поаналфабетски памфлет“ и дека не заслужува да носи име обвинителен акт.

Обвинетиот Хазари е товарен дека бил свесен за можната штетна последица и се согласил со нејзиното настанување.

Шилегов го цитираше кривичното дело „Предизвикува општа опасност“, кое му се става на товар, каде се споменува предизвикување опасност со пожар, експлозија или друго општоопасно дејствие или средство.

Адвокатот ја оспори логичката врска меѓу делото и дејството на неговиот клиент, кој во периодот од 2013 до 2019 година како државен советник во Министерството за економија само ја проверил лиценцата за угостителска дејност. Хазари во моментов е пензионер.

„Нејасно е како предизвикал пожар или дал придонес во пожарот. Во суштина кривичното дело „Предизвикува општа опасност“ е непосредно дело и моментално… Нејасно е како може проверка на лиценца или давање согласност во интервал од 2013 до 2019 година да предизвика пожар на 16 март 2025 година во дискотеката во Кочани“, изјави Шилегов.

Тој нагласи дека моментот кој го предизвикал пожарот бил јасно видлив, но не сакаше да се навраќа на таа случка, во која дел од лицата се починати.

Exit mobile version