Абортус со апче наместо операција од денеска достапен на Гинекологија во Клинички центар

Медикаментозниот абортус, кој претставува извршување на абортус со лекови, отсега e достапен на скопската Клиника за гинекологија и акушерство, соопшти Асоцијацијата за здравствена едукација – ХЕРА која заедно со Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство на почетокот на годината почнаа со спроведување на проектот.

„Заради својата едноставност и безбедност по здравјето на жените, медикаментозниот абортус сè почесто го заменува хируршкиот метод за прекин на бременоста, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80 проценти од абортусите во земјите во ЕУ. Исто така, во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на Ковид-19“, велат од ХЕРА.

Сепак, недостигот на лековите на пазарот и недоволно обучениот медицински кадар сè уште претставуваат предизвик медикаментозниот абортус да биде достапен насекаде во нашата земја.

Во рамките на проектот, со донација од Меѓународната федерација за планирано родителство, се реновира и опреми просторија на Клиниката која ќе се користи за информирање и советување на жените за медикаментозен абортус. Испечатени се информативни брошури за пациентките и спроведена е обука на медицинскиот кадар кој ќе им ја обезбедува услугата медикаментозен абортус на сите жени кои ќе ја одберат оваа опција. На ваков начин, Клиниката ќе воспостави модел на давање услуги за медикаментозен абортус, кој во иднина би можел да се реплицира и во другите државни болници.

Инаку, соработката помеѓу Клиниката и ХЕРА доаѓа по одлуката на Министерството за здравство да го одобри Клиничкото упатство за безбеден абортус (30 декември 2020 година) кое дава и медицински насоки за изведување на абортусот со лекови согласно стандардите на Светската здравствена организација. Дополнително, во рамките на Превентивната програма за здравјето на мајките и децата за 2021 година, Министерството обезбеди буџет од половина милион денари за набавка на лековите за медикаментозен абортус за Клиниката за гинекологија и акушерство.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.04.2021 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега