Најстудено утрово било на Попова Шапка со измерени -4 степени Целзиусови, додека во Крушево, Маврови Анови и Лазарополе температурата се спуштила до 0 степени. Највисоки температури од 7 степени се забележани во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Велес, Кавадарци, Демир Капија, Струмица и Гевгелија.
Најмногу врнежи во изминатите 24 часа паднале во Демир Капија – 28 литри на метар квадратен, а најмалку во Виница и Лазарополе – по 3 литри на метар квадратен. Висината на снежната покривка на Попова Шапка во 8 часот изнесувала 77 сантиметри.
Денеска времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, со слаб до умерен ветер, а на одредени места долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се движи од 10 до 16 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени слаби врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Од недела па до средината на следната седмица се очекува сончево време со мала до умерена облачност и значително повисоки температури.


