Во текот на ноќта на 17/18.10.2026 година, во периодот од 21:00 до 03:00 часот, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на подрачјето на цела држава насочена кон откривање и санкционирање на возачите кои управуваат возила под дејство на алкохол.

При спроведената контрола алкотестирани се 772 возачи, при што кај 61 возач е утврдено присуство на алкохол во организмот. Од нив, 14 возачи сториле кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик бидејќи кај нив било утврдено присуство на алкохол над 1,50 ‰, соопштија од МВР.

„Во рамки на контролата, на 58 возачи им се одземени возачките дозволи, додека согласно член 300-б од Кривичниот законик, одземени се и две моторни возила.

Дополнително, констатирани се и 125 прекршоци од друг вид.

Против сите возачи кај кои се утврдени прекршоци и кривични дела преземени се соодветни мерки согласно законските прописи“, информираше МВР.

Министерството за внатрешни работи продолжува со спроведување на акциски контроли и апелира до возачите да не управуваат возила под дејство на алкохол. Возењето под дејство на алкохол сериозно ја загрозува безбедноста во сообраќајот и може да доведе до тешки последици по животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.

Exit mobile version