Кривичниот суд Скопје им одреди мерка притвор во траење од 30 дена на осум лица поврзани со вчерашната обемна акција во Управата за јавни приходи (УЈП), која се спроведува поради сомнение за сериозни злоупотреби и оштетување на државниот буџет.

Како што информираат од Судот, по завршениот распит на осомничените и по нивното произнесување, судијата на претходна постапка го прифатил предлогот на Јавното обвинителство, оценувајќи дека се исполнети сите законски основи за определување притвор – опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, како и ризик осомничените да го довршат или повторат кривичното дело.

Акцијата опфати претреси на 16 локации низ државата, а под истрага се вкупно 20 лица. Според Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истрагата е покрената по известување од Агенцијата за национална безбедност, а во неа биле вклучени и полицијата и Управата за финансиско разузнавање.

За време на претресите биле одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и фалсификувани печати на правни лица, додека осомничените лица биле обезбедени.

Exit mobile version