Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати денеска остварил средба со в.д. амбасадорката на САД Никол Варнс.

Како што соопшти Министерството, средбата се одржала во важен момент за Министерството, во период кога се работи на Годишниот план, како и на процесот на реструктуирање и модернизирање на институцијата.

-На средбата се разговараше и за концептот „25 години и понатаму“, во рамки на одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Концептот има за цел да отвори нова визија за иднината на соживотот, инклузивноста и градењето доверба меѓу заедниците, стои во соопштението од Министерството за односи меѓу заедниците.

Ферати истакнал дека целта на Министерството е да се изгради функционална, инклузивна институција, која ќе биде поблиска до граѓаните.

-Нашата цел е да создадеме институција која ќе биде пофункционална, поотворена и поодговорна кон граѓаните. Охридскиот договор останува важна основа за мир, стабилност и инклузивност, но преку концептот ‘25 години и понатаму’ сакаме да отвориме разговор за тоа како оваа вредност да продолжи да се развива и во иднина – истакнал министерот.

Од Министерството додаваат дека на средбата било нагласено значењето на соработката со САД како стратешки партнер на Македонија, особено во процесите поврзани со демократскиот развој, инклузивните институции, довербата меѓу заедниците и евроатлантската перспектива на земјата. 

Exit mobile version