24-годишна тетовчанка почината од ковид-19 претходно била дијагностицирана со лупус?

Младата 24-годишна пациентка родена во тетовско Јажинце, која по 18 дневна борба со коронавирусот почина на Инфективната клиника, најверојтно имала и друго заболување, тврдат за Канал 5 дел од медицинските лица кои биле вклучени во процесот на лекување, а поради истрагата засега не сакаат јавно да говорат. Главниот сомнеж е дека станува збор за лупус, автоимуна болест, односно, нарушување на одбранбениот систем, па имунолошките клетки ги напаѓаат здравите ткива во телото. Ваквата информација засега официјално не е потврдена бидејќи истрагата што ја врши Државниот санитарен и здравствен инспекторат сè уште е во тек.

-Од вчера се врши вонреден инспекциски надзор. Постапката што ја спроведува инспекторатот е во тек и не е завршена. Откако ќе се утврдат фактите, а надзорот ќе биде целосно завршен, ќе се знае како постапувале лекарите низ патеката на лекување на 24-годишната пациентка.- д-р Ирина Сотирова Бухова – Директор на ДСЗИ.

Според информации на Канал 5, пациентката живеела во Тетово со својот сопруг, а била внука на лекар. Неофицијално, блиските не сакале да биде третирана на инфективната клиника, но по инсистирање на лекарите од тетовската болница, два дена по хоспитализацијата, била префрлена во Скопје.

Истрагата на инспекторатот треба да даде одговор на прашањата - зошто младата пациентка цели четири дена седела дома и примала инфузии, како постапувал матичниот лекар, што вклучувал третманот во тетовската болница, но и оној во Инфективната клиника.

Додека инспекторите „ја чешлаат документацијата“ и собираат изјави од сите инволвирани во случајот, младата девојка е погребана, па сега залудно е да се бара обдукција за да се утврдат причините за смртта, оти истата нема да покаже ништо бидејќи е предоцна, велат за Канал 5 од Институтот за судска медицина.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.07.2020 - 15:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа