Пред 22 години, на 26 февруари, во близина на Ротимље кај Мостар, во авионска несреќа трагично загина поранешниот претседател Борис Трајковски, заедно со членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Годишнината од трагедијата денеска се одбележува во Скопје, во неговата родна Струмица, како и во Ротимље.

Семејствата на настраданите, како и државни и други делегации, ќе положат цвеќе на неговиот гроб на Градските гробишта Бутел во Скопје, како и на спомен-обележјата во Ротимље и Струмица. Во несреќата во 2004 година, покрај претседателот Трајковски, животот го загубија и Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од неговиот кабинет, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, како и членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Божиновски, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Владиниот авион „Кингер“, со кој претседателот патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, се урна на 26 февруари 2004 година во атарот на Матиќ Брдо, кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар. Леталото требало да слета на аеродромот во Мостар околу осум часот по локално време, а неговите остатоци беа пронајдени дури 24 часа по несреќата.

Првичната истрага, спроведена од македонските и босанските надлежни институции, утврди дека до уривањето дошло поради пропусти на екипажот при приоѓање кон аеродромот во сложени временски услови, со густа магла и намалена видливост. По барање на македонските власти, во јануари 2013 година беше отворена нова истрага, предводена од меѓународен тим на чело со Омер Кулиќ, која исто така посочи на грешки на екипажот и одредени системски слабости како клучни причини за несреќата.

Борис Трајковски е роден на 25 јуни 1956 година во Струмица. Тој беше втор претседател на Република Македонија, функција што ја извршуваше од 15 декември 1999 година до неговата трагична смрт на 26 февруари 2004 година.

Exit mobile version