Вистинска филмска потера и директен напад врз службени лица се одвивале синоќа во тетовскиот регион, откако 16-годишно момче од селото Слатино одбило да застане на полициска контрола.
Според информациите од полицијата, инцидентот кулминирал во селото Непроштено. Кога полициските службеници од Полициското одделение Теарце се обиделе да го сопрат возилото марка „Мерцедес“ (со тетовски регистарски ознаки) управувано од малолетникот, тој не само што не застанал, туку со голема брзина удрил во електричен ормар на ЕВН. При бегството, тој директно се обидел да ги прегази полициските службеници кои биле на терен.
По кусо бегство, околу 23:00 часот, на локалниот пат кон селото Сетоље, припадниците на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово успеале да го пресретнат и да го лишат од слобода. При контролата е констатирано дека 16-годишникот воопшто не поседувал возачка дозвола.
Малолетникот е задржан во полициската станица заедно со возилото. Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што против него ќе бидат поднесени соодветни пријави согласно член 297-а и член 288 од Кривичниот законик.


