Десетти август не е само датум, туку ден на сеќавање и почит кон македонските бранители кои ги загубија животите во конфликтот во 2001 година. Ова го порача градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, на комеморативната манифестација кај споменикот на паднатите бранители во Волково, организирана по повод 25-годишнината од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила.

Стојкоски истакна дека споменот на загинатите треба да остане траен и да биде пренесуван на идните генерации.

„Овој споменик сведочи за храброста, пожртвуваноста и љубовта кон татковината на Раде Јанковски, Ивица Златевски, Томе Димоски, Томислав Настевски и Ацо Ангеловски, како и на Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Марјанчо Бошковски и Бранко Јанев, кои ги положија своите животи бранејќи ја државата, мирот, достоинството и слободата“, рече Стојкоски.

Тој нагласи дека жртвата на бранителите не треба да биде заборавена и дека нивниот спомен треба да се негува и во домовите и во образовниот процес.

„Слободата што ја живееме денес има своја цена и свои жртви. Како Општина ќе продолжиме достоинствено да го негуваме споменот на нашите херои, затоа што народ кој ги почитува своите херои има иднина“, порача градоначалникот.

Стојкоски упати и порака до семејствата на загинатите, нагласувајќи дека нивните имиња ќе останат дел од колективното сеќавање.

„Вашата болка е и наша болка. Ниту еден збор не може да ја ублажи тагата што ја носите 25 години, ниту пак постои признание што може да ја надомести загубата на син, сопруг, брат или татко. Но, како држава, општина и народ сме должни да ветиме дека нивните имиња нема да исчезнат од нашата колективна меморија и дека со почит ќе се однесуваме кон нивните семејства“, истакна Стојкоски.

На комеморацијата присуствуваа претставници на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, предводени од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

ФОТО: Александар Николоски, Фејсбук

Почит кон загинатите оддаде и владина делегација составена од министрите Александар Николоски, Весна Јаневска и Борче Серафимовски, како и претставници на здруженија на бранители, воени ветерани и воени инвалиди, борци и пензионери од Општина Ѓорче Петров.

На настанот присуствуваа и претставници на политички партии, членови на семејствата на загинатите бранители, роднини и пријатели.

Во текот на денот ќе бидат одржани и други активности во чест на загинатите. Во 10 часот е предвидено положување венци кај споменикот на загинатите бранители во Љубанци, а во 12 часот кај спомен-плочата во касарната „Илинден“.

На 10 август 2001 година, при активирање на мина на патот кон месноста Љуботенски Бачила, животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.

Во рамки на одбележувањето се оддава почит и на Ацо Ангеловски, кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.

Exit mobile version