Гинекологот Мухамед Асани е осуден на три години ефективна затворска казна за случајот со родилката Јилдиз Веапоска, на која по породувањето ѝ беа отстранети матката, јајникот и бубрег.
Освен затворската казна, Основниот суд во Струга на Асани му изрече и забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од пет години.
За разлика од првообвинетиот, судот донесе ослободителни пресуди за второобвинетиот Блертон Асани (син на Мухамед), кој во тоа време бил специјализант, како и за третообвинетата докторка Лилјана Јованоска.
„Судот обинетиот Мухамед Асани го прогласува за виновен, и му изрекува ефективна казна затвор во траање од три години, која што е максимална предвидена за ова кривично дело, а по издржување на казната затвор му изрекува споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од пет години“, кажа судечкиот судија Јордан Јованов при изрекувањето на пресудата.
Судскиот процес за овој случај траеше четири и пол години. Оштетената Веапоска изјави дека е задоволна од казната за Мухамед Асани, но смета дека вина има и кај неговиот син кој присуствувал на операцијата.

