Зошто Македонија денеска треба да навива за Чешка?

 Македонската ракометна репрезентација се пласира во вториот круг од Европското првенство во Хрватска, но не е сеедно како ќе влеземе таму и против кого ќе играме. И додека има дел од судбината кој самите си го кроиме – денешниот натпревар со Германија – има нешто што зависи и од другите- пишува Спорт 1.

Во втората фаза, во Вараждин, Македонија вкрстува со групата Ц, во која играат Шпанија, Данска, Унгарија и Чешка. По две кола, Шпанија и Данска се сигурно пласирани понатаму и се чека третиот патник меѓу Чесите и Унгарците, кои попладнево играат меѓусебе. Многу полесно ќе ѝ биде на Македонија ако во таа трка за третото место последни се смеат Чесите.

Зошто?

Унгарците во Вараждин играат како на домашен терен. Градот е на 40 километри од хрватско-унгарската граница, па тие 5.000 седишта во „Арена Вараждин“ досега беа обоени во зелено. Наместо тоа, може да ја наполниме со македонската „фаланга“, па ние да бидеме „газди“ среде Вараждин.

Потоа, ако Чешка продолжи понатаму, таа ќе носи два бода, оние од победата над Данска, оставајќи ги Хансен и другарите пократки во борбата за полуфинале.

На крајот, не е на одмет Унгарија да биде елиминирана, бидејќи Македонија дерман нема од неа веќе 20 години. Од неа губевме уште на првото ЕП, во 1998, потоа и во 2014, па на олимписките квалификации во 2012. Губевме во баражите во 2004 и во 2006 година и во квалификацискиот циклус за ЕП 2012 и во Скопје и во Веспрем.

Но, што е потребно за Чешка да продолжи во втората фаза?

Засега на табелата Шпанија има максимални четири бода, Данска и Чешка по два, а Унгарија нема бодови. Чешка може да продолжи понатаму на два начина: ако не загуби од Унгарија; ако загуби од Унгарија најмногу со три разлика, но притоа Шпанија да ја победи Данска.

Во таков случај Чесите ќе продолжат понатаму со два бода, а колку ќе имаат Данска и Шпанија ќе зависи од нивниот меѓусебен скор. Се разбира, она што го посакуваме пред тоа е Македонија денеска (18.15) да ја победи Германија и самата да пренесе четири бода во Вараждин.

 

 

 

17.01.2018 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа