Зеќири препозна две лица кои го извадиле Села од прес-салата

Пратеникот Мухамед Зеќири во моментот сведочи во Кривичниот суд на судењето за обидот за убиство на Зијадин Села, што се случи на 27 април минатата година во Парламентот, пишува Фокус.

-Кога толпата влезе во прес центарот, јас бев во галеријата. Од горе гледавме се што се случува долу. Потоа, заедно со уште неколку колешки се затворивме во кабината за превод. Се фрлаше со се и сешто кон пратениците. Меѓу повредените беше и Зијадин Села. Тој беше удрен со тап предмет, по што Села беше наведнат и крвареше. Немав прегледност да видам кој го удри Села, но предметот доаѓаше од галеријата, рече Зеќири.

Тој појасни дека видел кој го одвоил Села од другите пратеници, односно рече дека го повлекол за рака. Зеќири го препозна овој човек и со прст покажа кон обвинетиот Александар Јанески Тоста.

Зекири истакна дека на Тоста му помогнале уште двајца во извлекувањето на Села од толпата, опишувајќи ги по облеката, едниот со црно елече а другиот со качулка. Тој со црното елече е меѓу присутните обвинети, рече Зеќири, покажувајќи кон обвинетиот Сашо Сенков – Сенко.

-Кога го извлекоа Села и го однесоа под галеријата, ние веќе не можевме да видиме што се случува со него, рече Зеќири, потсетувајќи се дека лицето со фантомка бил еден од најнасилните.

Зеќири додаде дека откако Села бил извлечен на страна, салата се преполовила, и притисокот врз останатите пратеници спласнал.

-Откако веќе не го гледав Села, и не можев да видам што се случува, од новинарка добив порака со која ме прашува дали е точно дека Села е мртов. Реков дека не можам да видам. Дел од пратениците мислеле дека јас сум бил нападнат, а не Села, бидејќи и јас имам долга коса, рече Зекири.

Тој додаде дека подоцна дознал дека Села е пренесен во болница.

-Ме бараа со име и презиме, а јас во кабината два бев со уште 4 колешки. Во еден момент дојдоа до вратата, но не можеа да ја отворат бидејќи ставивме стол со кој ја заглавивме, рече Зеќири.

Тој додаде дека Павле Богоевски бил нападнат, бидејќи и тој бил кај галеријата, но не успеал да се засолни.

Зеќири појасни дека слушнал како толпата вика: Каде е Мухамед Зеќири, каде е Мухи?

 

 

 

16.04.2018 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа