Завршна конференција на проектот Развој на еколошкото истражувачко новинарство

Со завршната конференција што се одржа во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, заврши проектот Развој на еколошкото истражувачко новинарство, што во изминатите 18 месеци успешно го спроведуваше Центарот за еколошка демократија Флорозон во соработка со организацијата Сумнал и со голем број други соработници, а со поддршка на Европската унија.

Претседателот на Флорозон Кирил Ристовски, претставувајќи ги резултатите од проектот, нагласи дека заштитата на животната средина е клучен предизвик во процесот на пристапување на Македонија кон Европската унија, а правилното информирање придонесува кон подигнувањето на свеста на граѓаните.

- Еколошкото истражувачко новинарство во Македонија е се уште во фаза на развој и поттикнувањето преку транспарентна размена на информации со органите кои поседуваатинформации за животна средина е неопходна. Соработката со невладиниот сектор и медиумите кои известуваат за состојбата во животна средина и воопшто со заинтересиранта јавност е императив во унапредувањето на животната средина - нагласи Ристовски.

На конференцијата присуствуваше и претставникот на делегацијата на ЕУ во Скопје Јаромир Левичек, кој истакна дека заштитата на животната средина е приоритет за цела Европа.

- И покрај одредените подобрувања, загадениот воздух е одговорен за предвремена смрт на преку 400,000 луѓе секоја година. Во изминативе неколку години, ЕУ има обезбедено околу 80 милиони евра за проекти за заштита на животната средина, а поддршката ќе продолжи и финансиски и советодавно во периодот до 2020, со преку 100 милиони евра - истакна Левичек.

На конференцијата беа презентирани и предлог – политиките кои произлегоа од резултатите на анализите направени како дел од проектот,а беа адресирани до Владата на РМ, МРТВ како и до Агенцијата за аудио и аудио-визулени медиумски услуги со цел поголема застапеност на еколопките содржини во електронските, телевизиските и печатените медиуми.

Проектот овозможи формализирање на соработката меѓу НВО-ата и медумите што  придонесе кон  полесен пристап на јавноста до исклучително важни информации а преку тоа се овозможија услови за нејзино адекватно  учество  во креирањето и спроведувањето на еколошките политики. Преку процесот на идентификација и мапирање на проектните учесници се обезбеди активно учество на 30 претставници на невладини организации и медиумите земајќи ја предвид географската застапеност и покриеност.

Една од компонентите на проектот „Развој на еколошко истражувачко новинарство“ беше и давањето на  поддршка на  организациите да одговорат на предизвикот за искористување на медиумскиот простор во функција на вршење влијание и притисок врз донесувачите на одлуки, со цел креаторите на јавните политики да посветат поголемо внимание на прашањата од областа на заштитата на животната средина и природата. Во таа насока, преку компонентата за развој на капацитети, проектот организира четири дво-дневни работилници со што се овозможи трансфер на знаење на претходно идентификувани тематски области. Имено, проектните учесници најпрво имаа можност во детали да се запознаат со генералната законска рамка за животната средина, а преку втората и третата работилница учесниците работеа на унапредување на комуникациските вештини и се запознаа со основите на истражувачкото новинарство. Конечно преку спроведувањетто на последната работилница, проектните учесници  преку теренската практична работа ги применија претходно стекнатите знаења и успешно ја продуцираа истражувачката сторија „Колку чини управувањето на отпадот во Република Македонија“.

Воспоставената соработка помеѓу еколошките граѓански организации и медиумите во принцип претставува стратешко партнерство кое ќе го штити јавниот интерес и интересот на граѓаните за заштитата на животната средина , а со тоа и заштитата на нивното здравје и благосостојба. Преку креирањето на платформата за заедничка комуникација и соработка,  се постави основата за понатамошна соработка на национално и локално ниво помеѓу споменатите чинители.

Покрај ова, проектот со реализацијата на подгрантовата шема обезбеди поддршка на десет локални организации со вкупен буџет од 45.000 евра, мерка која дополнително влијаеше и придонесе кон зајакнување на граѓанскиот сектор во Република Македонија. Ваквите механизми  овозможуваат континуитет во работата на организациите, но и зголемување на нивната видливост која  води кон остварување на реални и позитивни резултати. Свое излагање на настанот имаа и десетте под-грантисти кои беа дел од под-грантовата шема на проектот и ги презентираа целите и резултатите од спроведените истражувања.

Во рамките на проектот, исто така  се организираа серија на промотивни активности  и се генерираа промотивни материјали кои се дистрибуираа на пет локации ширум државата преку организирање на  пет промотивни настанани. Меѓу останатото, во насока на развојот и поттикнувањето на граѓанското новинарсто, проектот организира фото натпревар во две категории и тоа: „ѕидот на срамот“  и „куќа на славните“. За потребите на натпреварот, проектот  обезбеди награден фонд од вкупно шест вредносни ваучери во висина од 200 евра.

 

 

 

08.06.2017 - 10:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа