Загадениот воздух ги наполни македонските клиники - се бара кревет повеќе

Секој ден по 20 пациенти со гушење и проблеми со дишењето поради загадениот воздух бараат лекарска помош во посебната амбуланта која пред месец дена беше отворена на Клиниката за пулмологија за граѓани со влошено здравје кои имаат приоритетен упат, пишува Сител.

-Имаме голем број на пациенти, имаме лекар кој секој ден е задолжен да ја води таа приоритетна амбуланта, изјави проф. д-р Дејан Доќиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.

 Зголемен број на болни од аерозагадувањето има и во останатите амбуланти на Клиниката.  Полни се и болничките капацитети во установата. Раководството прави напори да обезбедат кревет за сите кои се со влошена здравствена состојба и сериозни компликации. Статистиката на пулмологија бележи загрижувачки раст од 15 проценти секоја година на пациентите со Хроничка опструктивна белодробна болест. Само последниот период ова заболување е дијагностицирано кај 600 нови пациенти. 

-Свесни сме дека овој период аерозагадувањето е зголемено и ние на клиниката имаме зголемен број на пациенти. Но сакам да потенцирам дека аерозагадувањето не е само од пм 10 честичките, туку тоа е сплет на повеќе загадувачи, како што се и издувните гасови и други загадувачи, додаде проф. д-р Доќиќ.

Покрај аерозагадувањето, главна причина за ХОББ е пушењето. Најчести симптоми се отежнато дишење, недостаток на воздух и зачестено искашлување на секрет. Во Македонија од ова сериозно хронично заболување страдаат 147.000 лица и е четврта причина за смртност кај возрасната популација.

 

 

 

14.11.2017 - 18:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа