Заев од Штип: Во 2018 стартуваме со покачување на платите во здравствениот сектор

„Го давам својот збор заедно со Благојчо Бочварски и мнозинството од овој совет предводени од Ален Георгијев, ќе изградиме гасификација во Штип не помалку од 20 километри, ќе ги приклучиме сите јавни институции, ќе го приклучиме стопанството и ќе почнеме со приклучоци на домаќинствата во Штип. Штип може да блеска и повторно да биде гордост на цела Македонија“ рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев на синоќешниот митинг на СДСМ и коалицијата којшто се одржа во Штип.

Претседателот Заев најави дека се крои буџетот за 2018, и, како што истакна, има простор за заштеди од кои се планира зголемување на платите во здравството.

„Стартуваме и со покачување на платите во целиот здравствен сектор, за докторите и за целиот здравствен персонал. Конечна цел ќе биде специјалистите да имаат плата од 100.000 денари!“ најави претседателот Заев.

Заев посочи дека особено е задоволен што од јануари следната година започнува и зголемувањето на платите на професионалната војска и армијата за цели 10 проценти.

Претседателот Заев додаде дека за најслабо платените работниците државата издвои средства со кои субвенционира годишен одмор за нив и нивните семејства.

„Отворена е постапка и треба да конкурираат сите работници со пониски примања да користат можност за годишен одмор во период од 7 дена тие и нивните семејства. Со тоа ќе го подржиме туризмот, ама парите ќе одат во поддршка на нашите работници коишто го даваат целиот свој труд да се вгради во нашата Македонија! Македонија тоа ви го должи! И тоа е начин како да враќаме пари назад кон граѓаните!“ порача претседателот Заев.

За кандидатот за градоначалник на Штип, Благој Бочварски и за советничката листа, претседателот Заев изрази големи очекувања дека тоа е тимот кој што ќе направи Штип да биде повторно горд град во кој ќе се живее достоинствено.

„Му ја знам креативноста. Му ги знам плановите и проектите за Штип. Тој е мојата десна рака. Тој е потпретседател во партијата. Човек којшто е доволно упатен и ги знае сите детали, каде има резервоари во буџетот, каде државата да потпре рамо, каде треба да се пуштат пари, кои се процедурите за да можат да се решаваат проблемите и реализираат проектите овде во Штип. Јас сум убеден дека не само што вие знаете, знаат сите во Штип, знае и Илчо Захариев дека тој е новата среќна ѕвезда на Штип којашто ќе блеска и сјае за цела Македонија„ порача претседателот на СДСМ Зоран Заев на синоќешниот митинг на СДСМ и коалицијата кој што се одржа во Штип.

 

 

 

13.10.2017 - 15:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа