Заев не победил на 5 јуни за наше добро

„Бараме регуларни, фер и демократски избори. На 5 јуни, ако одевме на избори, ние ќе победевме, но што со принципите, со граѓаните, со нивната слободно изразена волја?
 Тоа треба да биде основа за полн легитимитет на победникот, што само по себе е гарант за стабилноста на Македонија и можност за почнување реформски процес“.
 Ова е реченицата со која Зоран Заев преку ТВ „Алсат“ сакаше да ги шармира граѓаните и да им порача дека партијата што ја предводи - СДСМ, не е заинтересирана за власт, туку за некое „повисоко“ добро - граѓаните и нивната волја.

Но дали Заев навистина го кажа тоа? И дали е нормално лидер на партија, и тоа во опозиција, да не сака да ја освои власта?

Kако инаку тој би работел за доброто на граѓаните во кое, ете, се колне, ако не ги искористи механизмите на власта - преку закони и нивна примена да воспостави подобар судски систем, да создаде услови за бизнис-секторот, преку владини програми да стимулира вработување, да ги враќа неповолните кредити, да го намали задолжувањето, од позиција на влада да договара странски инвестиции, преку подзаконски акти да воведува ред во Kатастарот, во даночните служби, во матичната евиденција?

Kако инаку до сето ова добро за граѓаните ако не преку воспоставениот систем на власт и избори? Kако тоа не оди на избори оти на нив ќе победи, а тој не сака да победи, ама сака да им направи добро на граѓаните и да ги спаси од лошата актуелна владејачка гарнитура? Впрочем, онака како што реченицата ја срочил Заев, лидерот на СДСМ, всушност, го оправдува најголемиот аргумент на својот политички соперник Груевски и ВМРО-ДПМНЕ - дека волјата на граѓаните дури и во навидум нефер услови секогаш излегува на површина на избори - ете, де ќе победел СДСМ на 5 јуни и со ваков список, со вакви медиуми, со ваква влада без министри како Спасовски и Ременски.

 Страв да му е на човек да прави анализа на вториот дел од реченицата во контекст на првиот: што ќе било со волјата на граѓаните ако имало избори на 5 јуни на кои СДСМ ќе победел? Уште малку ако се подразмисли, ќе излезе дека Заев, лидерот на СДСМ, вели дека волјата на граѓаните на изборите на 5 јуни ќе била суспендирана од страна на СДСМ бидејќи, нели, таа партија ќе победела... Не, не мора Заев да не убедува во своите добри намери: дека не сака власт, напротив, она што мора да го направи е да н` убеди дека сака власт и тоа сака целосна легитимна власт без опашки дека ја добил благодарение на странци или купени снимки. Заев треба да н` убеди како граѓани дека толку многу ја посакува власта за да ја искористи за наше добро и тоа точно да ни каже како тоа ќе го направи, со какви луѓе, со какви програми, со кои и колку пари... На граѓаните не им треба Заев или СДСМ во вечна опозиција која ќе им кажува дали актуелната власт не чини. Граѓаните точно знаат кога некој удира по нивните демократија и права, по џебот, по идентитетот. На нив им треба опозиција што ќе има механизми да ја коригира власта, а во првата наредна пригода на избори да ја победи таквата власт со решенија и гаранции дека ќе ги спроведе.

 

 Kатерина НЕШКОВА за ДНЕВНИК

 
 
22.06.2016 - 11:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа