Воајери

Ќебапчињата и воајеризмот се криви што СДСМ не може да се врати власт.

Еве, две години по обидот за насилно освојување на Собранието и недобиена поддршка за тоа од странство - Заев со нов обид. Со објавување телефонски разговори на државниот врв. Обид преку компромитација да изнесе сто иљади луѓе на улица, и да се земе власт на сила. Онаа власт во Струмица е мала за неговиот габарит и капацитет.

Ниту тој, нормално, не спомнува победа на избори. Никој не верува дека СДСМ може да победи на избори: ни Црвенковски тогаш, ни Заев сега... а камоли другите.

СДСМ чекаа нова шанса со еврокомесарот Јоханес Хан, кој дојде во Скопје. Чекаа да соопшти дека овде е диктатура, дека Европа е разочарана, дека демократијата заминала од Македонија... и да му ја предаде тапијата од власта на Заев, Шекеринска и хорот анонимуси што се редат околу нив на прес, а никој не знае кои се тие ликови.

Дојде Хан, ги сослуша, и им рече да си се вратат во Собранието, а аферата со нивните телефонски разговори да се решава во институциите. А институциите, тоа се собранието за политичка, и судот за кривична одговорност. Толку.

Нивниот телал Борјан Јовановски изјави дека Хан и Европа немаат појма што се случува во Македонија. Дека тој всушност дошол овде да јаде ќебапчиња и да се врати, така најаден во Брисел... рече Борјан Јовановски, кој години наназад живее од европски донации за емисии кои никој никаде не може да ги види, иако има телевизор.

Откако не изредија сите во државава дека сме криви за нивната вечна опозиција (ние криви, а тие заслужни за тоа), дојде време нови виновници да бидат Хан и ќебапчињата. Очекувам митинг на СДСМ пред Дестан. Пред режимска ќебапчилница.

Иди бе багро воајерска, сокриј се.

Заев во петокот објави нови разговори од државниот врв. Бидејќи во пола од нив учествувам јас, веројатно мене ме доживуваат како врв на државниот врв, за што искрено им благодарам, бидејќи тоа поволно влијае на моето его и самопочитување.

И, што видовме во овој петок.

Видовме нарачани убиства од страна на Мијалков... ни се соопштија сметките на Груевски, Сашо Мијалков, Зоран Ставревски и неколкумина други во странство... ни го објави разговорот на Јанкуловска, со кој се продаваат на црно петсто кила хероин кој полицијата го фати на граница со Косово... објавија седум разговори од кои се гледа дека се полнети кутии, и фалисификувани парламенатарните и претседателските избори во последниве шест години... слушнавме како се купувале пратеници од СДСМ за се добие парламентарно мнозинство во Собранието... од разговорите дознавме дека Груевски и Ставревски граделе финансиска пирамида по која две банки отишле во ликвидација, а тие двајца, потоа, изнеле 240 милиони евра надвор... дека земале пари од Али Ахмети и косовската наркомафија за признавање на независно Косово...

Или, сепак, не слушнавме ништо од ова.

И овојпат, ниту една реченица од објавеното нема незаконски контекст, а камоли криминално дело. Само оговарања, забава за сеирџии. Далеку побанална од јавните говори на Заев дека ќе јаде живи луѓе, ќе брка цела државна администрација, дека ќе апси се... што го кажа јавно и пред сведоци, а не во сомнителни приватни разговори.

Кога се нема факти, отпосле се создаваат впечатоци. Како Милчин, кој вика дека му се дигал желудникот од слушнатото. Му останало како стекната маана од трагедиите со сектата Црна ружа. И трауми од полицијата чиј кодош бил.

Освен, ако не е криминал радоста што Љубе Бошковски е фатен откако по трет пат добива странски пари за избори, и што конечно е уапсен со сто илјади евра примени од странци за да агитира промена на уставното име. Фатен со кеш кај него. Како што и Заев е фатен на снимка дека примил наши телефонски записи од странски разузнавачи.

Љубе и Заев, конечно, се најдоа на иста страна. Затоа и се во коалиција: Заев, Љубе, Милчин, Љубчо – тоа е нивната добитна комбинација. Дали е случајно што сите до еден бараат Македонија да го смени уставното име, и тоа без референдум.

А зошто некој би се радувал на апсењето на Љубе Бошковски?

Кој ги видел изјавите и местенката на Љубе Бошковски за Јохан Тарчуловски, по што Јохан одлежа осум години затвор, а Љубе со тоа се извлече, ќе му стане јасно.

Кој бил вечерта со Љубе, во 2001 година, кога по завршена војна ладно и без консултации упати млади полицајци да парадираат во Требош, без обезбедување и логистика, по што загинаа четворица, а тој сметаше дека е тоа добро за полицијата и промоција на сликата за суровоста на УЧК, ќе знае кои се причините.

Кој ги видел материјалите за убиството на Марјан Тушевски и Орце Коруновски, со кого бев вечерта пред да избега од Македонија... ќе му биде доволно да го дели мојот став за Љубе и неговото апсење. Никогаш не се дозна што има на касетата која Љубе, седејќи на маса во Дал Мет Фу со Цветанка Ласкова, бараше Орце Коруновски да му ја даде за да може да излезе од Македонија, и да гарантира со глава дека нема копија.

Орце Коруновски плати со глава. Треба ли уште...

Ако треба, треба да се сетиме на дваесет жени легнати на патос во книговодството на Силекс, додека Љубе Бошковски и Сашо Станинов им стојат со пушки над глава. Да се сетиме дека пет дена шефот на книговодство е со оружје и закана со смрт држен од Љубе и Станинов во приватна викендица крај Куманово, за да потпише однапред спремна изјава која Љубе и Доста Димовска ја составиле. Издржал, и не потпишал.

Никој, освен СДСМ и Љубе, не го правел ова во Македонија. Тоа е иста матрица.

Само во времето на СДСМ се случуваа политички убиства без судска завршница.

Никогаш не се откри убиството на Куцурелос. Никогаш не се откри убиството на Марија, полициска службеничка во Петтата управа, задолжена за прислушување. Никогаш не се откри убиството на директорот на Огномак, кое како феномен на самоубиство со два куршуми стана историски медицински и судски случај.

Никогаш не се откри ни причината за смртта на директорот на Астибо, Нетков... како ни за синот на обвинителот Бундалевски... никој по СДСМ не го направи она што тие го планираа и извршија со Тони Кечев од Гевгелија. Пуштен на црно, без евиденција, да излезе од затвор за да изврши две убиства. Едниот од убиените беше полицаец.

Тоа е само дел, мал дел, од списокот на активности и разбирање на политиката која ги поврзува СДСМ и Љубе Бошковски. Тие отсекогаш биле на иста страна.

Црвенковски го избра Љубе Бошковски за министер за полиција во заедничката влада со Љубчо. Тој избор е мојот последен разговор со Бранко Црвенковски, прилично непријатен разговор по кој јас со СДСМ не сакам да имам ништо заедничко, се додека макар еден човек од таа гарнитура е во врвот на партијата. А особено Шекеринска.

И сега, јасно ли е зошто апсењето на Бошковски, конечно фатен со докази во рака, не е обичен настан. Објавената снимка кога прима пари за да агитира за промена на името е само еден јавен доказ за она што не е објавено, а е сторено. И не е само тој.

Може Геровски, записничарот на СДСМ, да го брани Љубе колку сака, но Геровски бараше казна за него уште во 2001 година, во време кога Геровски со занес имаше разбирање за барањата на УЧК и Али Ахмети. Се радуваше и на неговото апсење од Хаг. Сега, кога Љубе е моторно уље во машината на СДСМ, соросоидот Геровски му е заштитник.

Кога сме кај радувањата... Се радуваа соросоидите на снимките кои покажуваа како од НАТО авиони е погоден српскиот воз кај Грделица, во кој загинаа дваесетина луѓе, меѓу кои и четири деца. Како и радоста што со авионска бомба е погодена зградата на РТС во Белград, по што загинаа шеснаесет вработени во телевизијата... Соросоидни гадови.

Се радуваа затоа што тоа беше тренди. Ако се радуваш заедно со Медлин Олбрајт, која за овие настани се радуваше и пред камери, тоа значеше дека си прозападен, дека градиш соживот со Албанците за разлика од нас, нели.

Каде му се на Заев снимките од разговорите на Никола Младенов од денот кога загинал... зошто ги крие. Каде се од Црвенковски кога го амнестираше Заев.

Да, јас сум пријател со Сашо Мијалков многу подолго од неговата политичка кариера. Така и ќе остане. Разговараме за се, па и за политика. Така и ќе остане.

Како што Црвенковски имал пријателски односи со Васко Ефтов, Гордана Стошиќ, Роберт Поповски, Оливера Трајковска... долгогодишни со врвот на Канал 5, и особено со Велија Рамковски, кому му изгради и финансираше телевизија и цела подземна империја.

Како што трансвеститот Ацо Кабранов имаше длабоки релации со Доста Димовска. Како што Никола Младенов имаше блиски односи со Љубчо Георгиевски и Циле Тупурковски. Како што Геровски има со Зоран Заев... Тоа е Македонија, и така е секаде. Луѓето имаат пријатели, и разговараат со нив. Приватно, и по телефон. За своја потреба.

Треба ли да направам список колку интервенции од врвот на СДСМ имало, и има за прилози во Сител. Ако треба, ќе го направам и тоа, списокот е долг.

Има нешто добро во ова што го прави Заев. Дури и во последните објавени разговори кои, патем, барем на две места се монтажа. Има добро, затоа што на виделина ќе видиме една воајерска и подземна политика која ние сме ја знаеле, а вие дури сега ја согледувате. Ако некој од нас ви кажувал за ваков СДСМ, не би ни верувале. Тоа се тие.

Па, еве ги сега, голи во седло. Нека јаваат, додека коњот не ги исфрли.

Колку пожестоко е јавањето, толку поболен ќе биде падот на воајерите.

Автор: Драган Павловиќ Латас за Вечер

 

 

Оцени ја веста

26.02.2015 - 20:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа