Внимавајте што објавувате на Фејсбук - следуваат казни

Доказ дека борбата против објавување лажни вести „Фејсбук“ ја сфаќа исклучително сериозно е и новиот потег на најголемата социјална мрежа на светот.

Откако „Фејсбук“ беше обвинет за директно влијание врз претседателските избори во САД, овозможувајќи му на Доналд Трамп да седне во фотелјата на најмоќниот човек на светот, стана јасно дека феноменот „лажни вести“ прерасна во нешто многу сериозно. Се разбира дека „Фејсбук“ не беше пресуден во конечната победа на Трамп, но не може и не смее да се игнорира фактот дека најпопуларната социјална мрежа во светот има огромно влијание врз политичките ставови, особено врз неопределените гласачи во САД.

Марк Закерберг се обиде, колку што му дозволуваше сопствената позиција, да објасни дека „Фејсбук“ не беше тој што го стави последниот печат за заверка, но во исто време даде ветување дека ќе направи сè ширењето лажни вести преку неговата социјална мрежа да се сведе на најмала можна мера. Оттогаш „Фејсбук“ во соработка со своите партнери навистина направи многу – вработи дивизија луѓе кои ги следат сите објави и ги маркираат лажните вести, ги подобри алгоритмите, оствари соработка со многу партнери што имаат врвни алатки за детекција...

Сега, според онаа народната која вели - најмногу боли кога ќе те удрат по џебот, „Фејсбук“ воведува нова казна за оние страници што шират лажни вести – забранувајќи им ја можноста за огласување! Можеби ваквата казна на прв поглед е бенигна, но всушност многу страници живеат добро врз база на огласувањето преку „Фејсбук“, кој има дофат до близу две милијарди луѓе. Огласувањето на „Фејсбук“ по правило не е прескапо и исклучително е исплатливо, па затоа сега сите ќе мора добро да размислат пред да пуштат во „етер“ лажна вест.

Детекцијата на лажни вести ќе ја извршува „Фејсбук“ заедно со своите партнери, а оние што ќе го нарушат ова правило ќе имаат можност за поправен испит, затоа што откако ќе се коригираат, ќе можат да се вратат во програмата за огласување. Повеќе за ова можете да прочитате на официјалниот блог на „Фејсбук“.

 

 

 

31.08.2017 - 10:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа