ВМРО-ДПМНЕ: Укинувањето на екстерното е антиреформа која ја враќа земјата назад

ВМРО-ДПМНЕ денеска со свој став за предлогот за укинување на екстерното тестирање:

Екстерното тестирање е тестирање на реално стекнатото знаење. Тестирање на знаење кое што постои во сите напредни земји и секаде како и кај нас, претставува одреден стрес за ученикот, како што впрочем претставува секој тест, но тоа не е голгота туку неопходен дел на образовниот процес.

          Намерата на СДС да го укине екстерното тестирање не е реформа, туку антиреформа. Намерата на СДС да го укине екстерното тестирање е додворување на дел од родителите кои се третираат само како потенцијални гласачи, а не и како луѓе на кои државата трба да им обезбеди подобро образование за нивните деца и да бидат поуспешни во животот.

          ВМРО-ДПМНЕ го воведе екстерното тестирање како одговор на една појава која започна во периодот на транзицијата, а се манифестираше преку масовно пишување највисоки оценки без да се обезбеди дека ученикот има доволно стекнато знаење за таквата оценка. Факт е дека ваквиот начин на оценување во моментот ги задоволуваше и учениците и родителите, но предизвикуваше штети во две насоки. Прво, ги изедначуваше и подобрите и послабите ученици и влијаеше на потешко препознавање на квалитетот. Второ, ги стимулираше учениците и нивните родители и понатаму без многу труд и учење да добиваат повисоки оценки.

          На долг рок тоа предизвикува и предизвикува сериозни последици врз цели генерации ученици кои треба да се вработат и да се натпреваруваат на пазарот на труд со своето стекнато знаење. Освен на домашниот пазар, проблемот со ниско стекнатото знаење е далеку поголем, кога учениците ќе се соочат со високата конкурентност на меѓународниот пазар.

          Ставот на ВМРО ДПМНЕ секогаш бил дека целта на образованието не треба да бидат високи оценки и дипломи без знаење. Основната цел треба да биде знаењето. Партиите не треба да се пазарат со овие приоритети и со спуштање на критериумите да се обидат да им се допаднат на родителите или учениците.

          Кога една партија се бори за подобра иднина на младите, доколку е искрена во своите политики треба да биде подготвена и за реформи кои не се популарни. Реформи кои може да и нанесат политичка штета, но долгорочно ќе создадат услови за високо образовани граѓани кои со стекнатото знаење ќе си обезбедат поквалитетен, поудобен и побогат живот, но и исполнетост заради успесите базирани на знаење.  

          СДС со планот за укинување на екстерното тестирање ја враќа назад Република Македонија. Родителите, колку и да бидат задоволни од оваа антиреформа, популистичката мерка јасно е дека таа е единствено на штета на потенцијалот и успесите на нивните деца. Можеби денес многумина не сакаат или не можат да ја прифатат оваа реалност, но во оној момент кога учениците ќе се обидат да конкурираат на пазарот на труд ќе почуствуваат за што говориме ние денес.

          Доколку СДС до крај ги реализира популистичките најави, постепено се ќе се врати по старо. Оние кои имаат поголемо влијание, ќе успеат да ургираат нивното дете да биде со одличен успех без разлика дали учело или не учело. Дел од учениците ќе имаат висок успех со труд и знаење, а дел ќе имаат висок успех благодарение на нивните влијателни родители. Вината повторно ќе падне на наставниците, иако тие и сега, како и порано ќе бидат принудувани да попуштат пред притисоците.

          ВМРО-ДПМНЕ ја препозна потребата од воведување на концептот на екстерно тестирање како и во сите европски земји. Првичниот модел не беше идеален и затоа по сугестија на родителите, наставниците, учениците и експертите го прилагодувавме преку измени на законот, така што системот е значително подобрен во однос на почетниот. Системот може и натаму да се унапредува, но СДС одлучи да лови во матно и со популистички политики да се обиде да придобива поени да, придобива гласови. СДС тргнува со антиреформа без план да воведе друг механизам со кој би го стимулирале стекнувањето на знаења.

          Почитувани,

          Знаењето не е единствена цел на образованието. Креативноста е подеднакво важна и за таа цел ВМРО-ДПМНЕ спроведе и други мерки и реформи, исто како и за воспитно-образовниот процес кој подразбира морална и етичка димензија и во процесот на физичка култура.

          Укинувањето на екстерното тестирање е рефлекс на кризата на вистинските вредности, најава на прикажување на антиреформите како реформи од страна на СДС и начин како СДС ќе ги злоупотребува емоциите на дел од децата и родителите заради личен политички профит.

 

          Кој не го гледа тоа денеска, ќе го види во иднина, но овие години кога учениците ќе треба да се збогатат со знаење што ќе им помогне низ целиот живот, ќе бидат неповратно изгубени, а штетата ќе биде ненадоместива.

 

 

 

19.05.2017 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа