ВМРО-ДПМНЕ: СДС не смее да си поигрува со највисоките национални и државни интереси

СДС не смее да си поигрува со највисоките национални и државни интереси и да се однесува несериозно по прашања како што е проблемот кој Грција го има со нашето име, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ кое во продолжение ви го пренесуваме интегрално.

Една конфузна и незрела изјава на новиот Министер за надворешни работи Никола Димитров во Фајненшл тајмс, покрена лавина реакции во меѓународните медиуми кои сериозно ги подриваат тешко градените позиции во спорот со Грција.

Фајненшл тајмс, Гардијан, Тагесцајтунг се само дел од влијателните светски медиуми кои пишуваа дека Македонија е подготвена и размислува за промена на името. Истите позиции ги пренесуваат и други весници, а сето тоа се злоупотребува од страна на нашите соседи. Бугарскиот историчар Божидар Димитров срамно лицитира со имиња од типот „југозападна Бугарија“, а СДС упорно молчи наместо да го штити угледот и честа на македонскиот народ и држава.

СДС сега ја води владата и Министерството за надворешни работи и има обврска да се бори и да го брани македонскиот идентитет.

Одбраната на македонските интереси не смее да се сведе на намалување на очекувањата! СДС вети брзо членство во ЕУ и НАТО. Не смее посетата на Заев во Брисел да се сведе само на одмрзнување на препораката за членство во ЕУ. Македонија тоа го имаше шест години по ред, а последните две години препораката е условена токму заради кризата во која што СДС ја втурна земјава. СДС мора да го оствари ветувањето и да ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО без да задира во идентитетските прашања и да склучува договори на штета на македонскиот народ.

Граѓаните од оваа влада ги очекуваат ветените 30.000 денари просечна плата и 16.000 денари минимална плата за кои во изборниот период говореа дека ќе ги реализираат.

Докторите се надеваат на плати од 100.000 денари која СДС им ја вети.

Граѓаните ги очекуваат и новите 500 километри автопат, како и 30.000 денари годишно од поврат на ДДВ кое СДС го презентираше како носечки проект во изборната кампања.

Граѓаните сакаат работа и посветеност, како што тоа го правеше владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија се сака со дела, со многу работа и одрекувања.

 

 

 

14.06.2017 - 09:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа