ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните очекуваат членство во НАТО и ЕУ без промена на идентитетот

Зоран Заев вети на граѓаните брзо членство во ЕУ и НАТО, без да се задира во идентитетските прашања и без да се прават договори на штета на македонскиот народ и држава. Граѓаните очекуваат ветувањата да бидат исполнети, а не да се намалуваат очекувањата и да се нуди како успех нешто што веќе било сработено, порачува ВМРО-ДПМНЕ во пишано соопштение.

- Целта на патувањето на Зоран Заев во Брисел не смее да се сведе само на одмрзнување на препораката за отпочнување на преговорите за членство. Република Македонија осум години по ред добиваше позитивна препорака за отпочнување на преговорите, која беше условена последниве две години токму заради политичката криза во која што СДС ја втурна државата, се вели во соопштението.

Целта на патувањето во Брисел, се додава, не смее да бидат само најави за разгледување на можностите за членство на Република Македонија во НАТО, туку мора да се испорачаат резултати. 

- СДС не треба да одмолчува и да се обесхрабрува пред повторувањето на грчките црвени линии, според кои не треба да се помислува на членство во НАТО се додека не се реши проблемот кој Грција го има со нашето име. Министерот за надворешни работи не смее да дава конфузни изјави во интернационалните медиуми кои ги вознемируваат граѓаните и отвараат сомнеж дека СДСМ размислува за промена на уставното име. Ваквите изјави може сериозно да ги загрозат македонските преговарачки позиции, се потенцира во соопштението.

Се посочува дека граѓаните очекуваат на дело да го видат ветеното од СДСМ.

- Граѓаните очекуваат дела, а не изговори, напредок и подобар стандард, а не стагнација. СДС мора да почне да испорачува тоа што го ветиле, се нагласува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

13.06.2017 - 10:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа