ВМРО-ДПМНЕ: Државата тоне на економски план, а граѓаните живеат се полошо

Државата тоне на економски план, а граѓаните живеат се полошо. Показател за тоа е податокот дека и даноците собрани во првиот квартал годинава се за 7% помали од планираните и 2,69 % помалку од истиот период лани. Капиталните расходи во првите два месеца се околу 16 милиони евра, за разлика од истиот период лани кога изнесувале 46 милиони евра, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека во февруари годинава се издадени 177 одобренија за градење, што е за 51,2 проценти помалку во однос на истиот месец од 2017 година. Според издадените одобренија, предвидената вредност на објектите изнесува 2.319.609.000 денари, што е за 63,6 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.

-Во првиот квартал ЕЛЕМ произвел 10% помалку електрична енергија. Во година со релативно блага зима се поплави Охридско Езеро, Шпиље останува празно, а Глобочица се прелева. Долгот во државни хартии од вредност од август лани до март оваа година се заголеми за 50,67 милијарди денари, а во истиот период вратени се само 38,55 милијарди денари. Бројките говорат дека нето задолжувањето за 8 месеци е 12,12 милијарди денари, односно 200 милиони евра. Економското цунами Заев-Тевдовски-Анѓушев продолжува да ја пустоши Република Македонија. СДСМ и Зоран Заев ја носат државата кон економски колапс. Немаат ниту план, ниту визија за Република Македонија, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека растот на БДП во 2017 година е 0%, а економијата секаде во регионот и во Европа оди нагоре.

-300 милиони евра, дел од парите со кои СДСМ ги задолжи граѓаните од почетокот на годината до денес, седат во Народната банка на Република Македонија како депозит со 0% камата. Во исто време државата плаќа камата за истите средства кон кредиторите од кои ги позајмиле. Оваа безидејност на СДСМ ги чини граѓаните околу 1.5 милиони евра. Странските инвеститори наместо во Република Македонија се одлучуваат за инвестирање во земјите од соседството поради растечката корупција и несигурност. Најавите за покачување на даноците и неспособноста на оваа влада дополнително ги оддалечуваат инвеститорите. Со цел да го оттргне вниманието од ваквите катастрофални политики, СДСМ форсира политичко монтирани процеси против сите оние кои не се согласуваат со нивните антидржавни политики и ја почитуваат државата и законите. Судот мора да ги ослободи од неоснованиот притвор сите политички жртви и да ги отфрли нарачаните обвиненија. Судиите мора да го почитуваат Уставот, законите и човековите права на секој граѓанин без разлика на неговата политичка определба или политички став, се наведува во партиското соопштение.

На овој политички прогон, велат од ВМРО-ДПМНЕ, мора да му дојде крајот, Република Македонија заслужува подобро. Граѓаните заслужуваат подобро. СДСМ не знае и нема капацитет да ја води државата.

 

 

 

14.04.2018 - 09:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа