Влатко Ѓорчев: Драги наши ракометари

Влатко Ѓорчев за Дневник

Би сакал да ви напишам неколку работи. Би сакал да слушнете неколку зборови да ги имате во глава. Да размислите 5 минути во тишина.

Вие сте синовите на Македонија. Целиот наш народ ве гледа. Целиот наш народ се радува или тагува со вас.

Текстов го пишувам во петок сабајле, пред да почне „утакмицата“ со Австрија.

Не знам кој ќе биде резултатот. Но, знам дека одите понатаму. Убеден сум дека можете понатаму. Многу далеку.

До полуфиналето.

Не, нема да ви забележиме ако загубите. Ние сме со вас и кога е добро и кога е лошо. Македонија се сака и кога победува и кога губи. Нема да ве критикуваме и ако загубите. Вие сте нашите најдобри ракометари и тоа ништо нема да го промени. Заедно се радуваме и заедно тагуваме. Но, мислам дека овој пат навистина можеме далеку, далеку да стигнеме.

Можеме да стигнеме затоа што вие сте посебна генерација. Сте играле во студени сали и на бетон. Не сте имале услови како во богатите земји. Имате патувано со старите автобуси. Kако млади сте биле во сиромашни ракометни клубови, но упорно сте тренирале. Денес сте на светската сцена.

Kире, ти си најдобриот. Да знаеш дека те гледа целиот македонски народ. Доаѓаш од Свети Николе. Од град кој порано немаше спортска сала. Дедо ми е од Трстеник, над Горобинци. Го знам бетонското игралиште каде што почна. Сега ти си најдобриот на светот. На твоите плеќи има 5 тони тежина. Но, ти можеш да носиш 5 тони. Ти си Kире Лазаров. Немаме таков друг. Израдувај го нашиот народ.

Наумче, знам колку ја сакаш оваа наша Македонија. Kога ја пееш химната се ежи секој Македонец. Дај ги оние 2 гола повеќе. Влези меѓу двајца, како што ти знаеш. Знам дека беше повреден, ама ти си нашиот булдожер. Ни треба твојата храброст, твојот инает, твојата пожртвуваност.

Филип Миркуловски, ти си семеен човек и вонсериски ракометар. Да знаеш, мојот син се вика Филип. Не го симнува македонскиот дрес. Спие со него. Да знаете само колку се радуваат нашите деца кога ве гледаат.

Момци, вие сте Супермени за нашиве деца. Вие сте како Мајкл Џордан, Диего Марадона или Роналдињо во наше време. Играјте за сите деца во Македонија. Играјте за да можат вашите синови и ќерки да бидат горди кога ќе ве гледаат на „Јутјуб“. Гордо да покажуваат како нивните татковци играле во националниот дрес. Играјте за нив.

Стојанче, ти си нашиот аеродромец. Со татко ти сме на иста бранова должина. Да знаеш дека е неизмерно горд на тебе. И треба да биде. Ти си борец и се бориш до крај. Ги видовме и вашите мајки како навиваат за вас. Израдувајте ги целите ваши семејства, нека се расплачат од среќа. Израдувајте ги школските другари, пријателите од детството. Екипата од маало.

Дејан Манасков и Филип Лазаров. Имате свое име и презиме, свое јас, кое го заслуживте со својата пот и својот талент. Го заслуживте националниот дрес и дајте 100 отсто од себе. Секој ваш потег може да значи многу. Ги играте најважните утакмици на оваа генерација.

Гоце Георгиевски, ти го носиш името на големиот Гоце. Пред точно 115 години тој ги имал твоите години. Се борел за Македонија. Имаш динамит во нозете. Ни требаат твоите контри. Од твојот спринт, од твојот мотив зависи дали ќе бидеш еден чекор понапред. Тој проклет еден метар кој значи победа или пораз кога се крши резултатот. Дај го максимумот!

Ацо, Велко и Златко, вие сте од Струга. Нашата Струга, нашата преубава Струга. Бидете пожртвувани и мотивирани. Многу, навистина многу значите за нашата репрезентација. Сега е моментот. Навиваме за вас!

Ванчо Димовски, ти и јас сме врсници. Се знаеме со години од видување. Биди им од помош на помладите. Имаш огромно искуство. Охрабри ги, смири ги, биди нивни постар брат.

 

Владо Недановски е нашиот ресенчанец, доказ дека и во малите градови имаме врвни спортисти. Срцето на Македонија чука низ целата држава.

Селекторе Обрван, Ренато и Немања, многу ви благодариме на вашиот ангажман во нашата репрезентација.

Заедно победуваме и заедно славиме. Поздрав до целиот стручен штаб и луѓето околу репрезентацијата.

Борко, Петар и Никола, вие сте нашите громобрани. Имате суперважна задача. Бидете поддршка за целиот тим.

Секоја ваша одбрана е инспирација и мотив за целиот тим. Една добра одбрана го крева адреналинот. Ја крева екипата. Ја менува „утакмицата“.

И, не заборавајте. Судиите не се наклонети на Македонија. Го знаеме тоа. Но, вие треба да ја задржите концентрацијата кога судиите судат против нас. Вие мора да одбраните, да дадете мотив на целата екипа кога ќе падне духот. Нема предавање. Нема откажување и кога губиме.

Вие сте последната линија на одбрана. Секоја ваша одбрана може да донесе пресврт. Затоа, без нервоза за судиите. Ние сме Македонци и победуваме без оглед на судиите. И во ракометот, и на други места.

Сакам да ви напишам уште многу, многу работи, но просторот е мал. Должината на текстовите е ограничена.

Знаете што сакам да ви кажам. Знам што чувствуваме за Македонија. Знам и дека вие самите најмногу се нервирате кога губиме. Никој повеќе од вас не го сака успехот на тимот.

Знам дека добивате многу јавувања, СМС-пораки, фејсбук-пораки, „Скајп“, имејлови. Знам дека ги читате текстовите на интернет, туѓите и своите изјави. Но, размислете едно 5 минути во тишина. Без галама.

Размислете за тоа како ќе ги гледате на овие утакмици за 10, 20 или 30 години. Сега е часот. Сега е моментот.

Часот е голем.

Замислете ги сите оние кои се нападнати кога го носат црвено – жолтиот дрес. Во автобус или на улица. Вашиот дрес, нашиот дрес вреди многу. Навистина многу. Вашиот дрес е доказ дека постоиме. Дека оваа земја има силни, горди синови, кои од срце ја сакаат.

Тоа е вашиот дрес. Многу повеќе од обична маица. Тоа е дрес на кој е напишано нашето вековно име Македонија. Многу пати сме биле потценети. Некои не сакаат ниту името да ни го спомнат. Некои мислат дека сме премногу мали, безначајни. Сме морале да се докажуваме многу повеќе од другите. И во спортот, и надвор од него.

Бојата на нашето знаме е црвена. Знаеме зошто. Црвена е поради жртвата на многу претходни генерации. Црвена е поради жарот на синовите на Македонија кога имале 19, 20, 25 или 30 години. Kога ги имале вашите години. Црвена е поради честа и храброста на Македонците. Тоа е вашиот дрес.

Замислете како се гледаат вашите „утакмици“ во Пустец. Или во Мала Преспа. Или во селата околу Лерин. Да, вашите натпревари ги гледаат во селата околу Лерин. И мораат да внимаваат како ќе се израдуваат на вашата победа, на вашите голови. Ама ги гледаат „утакмиците“. Исто и во дијаспората, од Австралија, преку Европа до

Северна Америка. Гледаат и навиваат за вас. Израдувајте ги, направете ги горди.

Да знаете дека имате поголемо заедништво, поголемо другарство од сите други репрезентации. Не знам дали вие можете тоа да го видите. Но, се гледа од страна. Имате заедништво поголемо од другите. Прегрнати како браќа, заедно ја пеете химната.

Вие сте браќа, екипа, тим. На цел глас пеете „Македонците се борат за своите правдини...“. Имате патриотизам, љубов кон Македонија и мотив какви што немаат другите. Тоа не е мала работа.

Тој мотив, тој ваш и наш дух може да донесе победа и против многу поголеми репрезентации, против секакви судии. Затоа, дајте 100 отсто од себе. Дајте и повеќе од тоа.

Седнете и размислете 5 минути за сето ова. Целиот, целиот наш народ гледа во вас. Израдувајте ја Македонија.

 

Среќно!

 

 

Оцени ја веста

24.01.2015 - 11:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа