Тунтев: Патните трошоци ги земавме бидејќи се реални трошоци

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев образложувајќи ги предлозите за измени на Законот за плата и други надоместоци за пратениците и другите избрани и именувани лица и Законот за пратеници, на брифинг со новинарите денеска истакна дека тие оставаат простор за дебата, и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во Собранието за заедно да ги донесат промените за патните трошоци.

Тој рече дека со консултација на координаторите на ВМРО-ДПНЕ и претходно се договарале за донесување на вакви одлуки.

„Ние очекуваме опозицијата наскоро да се врати во Собранието. Доколку не се врати наскоро ќе се обидеме да добиеме барем согласност од нив дали да се донесат измените“, рече Тунтев.

Тој истакна и дека за СДСМ е прифатливо секое решение кое би било поевтино од ова што го нудат тие како предлог, во интерес на поголема заштеда на парите на граѓаните и  поголема заштеда на буџетот, бидејќи сакаат да бидат пример.

На новинарско прашање за тоа зошто како пратеничка група не се откажале од надоместокот за патните трошоци за изминатите четири месеци, додека да се донесат измените кои ги предлагаат, Тунтев одговори затоа што тие имаат реални трошоци.

„Релативно е тврдењето дека нашите плати споредени со другите функционери се прилично високи. Јас ви зборувам за месеци кога сме имале над 20 работни денови. Имало месеци кога сме имале и три работни денови. Имало и наши доаѓања кои не сме ги евидентирале. Јас како координатор на пратеничката група имам протоколарни активности. Имаме посети од меѓународни претставници. Ние тогаш не земаме трошоци, а доаѓаме за тоа. Не сме наплатиле ние се што ни следува, бидејќи сме свесни дека одредени активности кои не се поврзани со наша редовна работа во Собранието, дека е наша должност“, одговори Тунтев.

 

 

 

12.01.2018 - 17:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа