Свечена академија по повод утрешниот државниот празник Свети Климент Охридски

 Свечена академија во пресрет на утрешниот државен празник Св. Климент Охридски, во Македонскиот народен театар одржа вечерва Македонската православна црква под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев. 

- Општото добро треба да биде достоинствена водилка на секој човек и колку сме се развиле како луѓе во практикувањето акции за општо добро, ете тоа е мерката колку сме израснале и сме се надраснале духовно. Низ совесните дела што ги оставаме зад нас само можат да градат вредности генерациите после нас, рече во обраќањето Заев.

Свети Климент Охридски, посочи, бил еден од наблиските и најревносните соработници и соучесници во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народот.

- Бил подложен на страдања, но верувал во доброто што го правел и останал доследен на обврската што ја чувствувал како човек да го продолжи делото на неговите учители преку продлабочување и унапредување на словенската просвета. Свети Климент останува жив паметник во историјата како основач на Охридската школа, често пати именувана како првиот балкански и европски универзитет низ кој минале околу 3.500 ученици. Со Свети Климент се поврзани почетоците на писменоста македонска и затоа по него денес се именувани универзитети, факултети, училишта, истакна Заев. 

Оддавам чест на Свети Климент Охридски, нагласи премиерот, за неговото големо просветителско дело со кое не задолжи сите и ни покажа како на дело се станува и духовник и просветител. Тој рече дека духовноста, просветлението, просветителството се дадени на секој од нас, а со нивното практикување стануваме подобри луѓе во подобар, солидарен, образован свет.

- Така градиме сегашност и иднина за секој човек. Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Св. Климент во мисијата на неговото време, повикани сме да се обидеме и да успееме и ние надминувајќи ги предизиците трпеливо и мудро како што ни доликува, заштитувајќи ги идентитетските вредности како граѓани, како народ и како држава. Убеден сум дека јубилејот 50 години од автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква ќе отвори и надминување на повеќегодишните предзвици исправени пред МПЦ, која е реалност во православниот свет, додаде Заев. 

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во обраќањето рече дека на великиот Климент воопшто не му пречело да го восприема светот како објект на Божествената љубов, да го сее Христовото слово и во сето свое пастирско и свештенотаинско делување да зрачи со радоста од средбата со живиот Бог... Нашата помесна Црква, истакна, верно пребива во чистотата на православната вера, онаа вера која светиот Климент ја прокламираше во своите слова и делотворно ја покажуваше во својот живот. 

- За нашиот верен народ и за нашата независна држава, сè уште останува еден од проблемите – тоа што МПЦ е неприфатена во сеправославното семејство, за жал, од политички причини. Па, Охрид и Црквата во Македонија ниту ги измисливме, ниту се создадени за штета на другите – туку за слава на Бога и спасение на нашиот богољубив народ! Само така и единствено на тој начин треба да се сфатат последните, актуелни напори на Светиот архиерејски синод во решавањето на овој нелогичен и нецрковен проблем, поврзан со статусот на нашата Црква, рече г.г. Стефан.

Според него, покажаната иницијатива е во духот на љубовта кон својот род и сето православие. - Кој се обидува да ги решава проблемите на својот народ, тој покажува и преданост, и почит и дело на родољубивост! Ние мора да сфатиме дека работите треба да се решаваат низ дијалог, во кој ќе ги штитиме своите интереси и потреби, наоѓајќи ги најприфатливите за нас решенија, додаде г.г. Стефан. 

Во музичкиот дел настапи Гудачкиот квартет при Македонската филхармонија. На свечената академија присуствуваа високи преосвештенства, пратеници, претставници на Владата, амбасадите, професори, академици, претставници на верските заедници, на бизнис заедницата..

 

 

 

07.12.2017 - 20:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа