Супер Куп: Скопје и Македонија добиваат можност за светска промоција

Се стеснува изборот на екипи кои би настапиле во Скопје на Супер куп 2017. Најмногу се посакуваат Манчестер Јунајтед,  Реал Мадрид или Јувентус. Спортските фанови се радуваат на единствената можност да гледаат во својата родна земја врвен фудбал, сега и којзнае кога повторно. Но се радуваат и сите оние кои на некој начин би имале интерес, како хотели, угостители, прдавачи на сувенири. Да бидеме реални 15.000 посетители од богати европски земји, во неколку можат да потрошат навистина многу. А бенефитот е многу поголем. Добиваме можност за светска промоција како земја, а тие што ќе дојдат ако убаво си поминат да препорачаат на свои пријатели. Можностите се безброј. На, нас самите е дали ќе ги искористиме.

Најголемата заслуга е на ФФМ и председателот Илчо Ѓорѓиоски, сакале тоа да го признаеме или не. Не веруваме дека имало поважен и поголем настан во нашава земја. Фокусот на светската јавност барем неколку дена, по позитивна работа, ќе биде насочена кон Скопје и Македонија. Важно е да бидеме добри домаќини, добри организатори, тоа е најдобрата препорака за иднината на нашата земја.

А со доделената организација на Суперкупот во 2017 година во кој ќе настапат освојувачите на Лигата на шампиони и Лига Европа во сезоната 2016/2017, бенефитите за домашната економија се огромни.

15-20 милиони евра е прогнозираниот износ на средства што ќе се слеат од активностите на посетителите во периодот на одржување на Суперкупот кон македонските ноќевалишта, ресторани, културни знаменитости, компании што нудат транспортни услуги, шопинг центри и останати трговци.  Ова се проценките на реномираниот портал Маркетинг 365, кои велат дека износот може да варираа согласно дестинациите од каде што доаѓаат туристите, односно стандардот во нивната матична земја.  Токму затоа и најпосакувани се англичаните со Манчестер Јунајтед.

Во пресрет на историскиот настан за нашата држава, нашата анализа ги таргетираше приходите кои можат да се очекуваат од туристичката посета. Иако вкупниот капацитет на националната арена е 33.460 седишта, очекуваме најмалку 15 илјади странски фудбалски фанови кои ќе остварат по две или три ноќевања и ќе ги посетат нашите угостителски локали.

Можно е голем број од нив да имаат семејна придружба која нема да биде заинтересирана за фудбалскиот натпревар на арената „Филип Втори“ кои ќе останат во Македонија некој ден повеќе, зависно од фреквенцијата на авионите или од желбата да посетат повеќе места во нашата земја. Во следната табела пресметавме повеќе опции, зависно од тоа колку вкупно туристи ќе привлече овој настан и колкав буџет би можеле да издвојат потенцијалните гости. Од потенцијалните гости кои би барале евтино сместување во хостели, па се до оние со желба да си дозволат нешто поудобно или полуксузно, а надополнето со трошоците за исхрана, превоз и посета на натпреварот, претпоставивме дека без 200 евра по поединец не би било можно да поминат 3 дена, додека оние што ќе бараат сместување со пет ѕвездички, најдобри влезници и гурмански специјалитети, веројатно се подготвени за патување од соништата кое тука можат да го реализираат со буџет од 1.000 евра.

 

Буџет/гости

15.000 гости

20.000 гости

25.000 гости

30.000 гости

200 евра

3.000.000

4.000.000

5.000.000

6.000.000

500 евра

7.500.000

10.000.000

12.500.000

15.000.000

800 евра

12.000.000

16.000.000

20.000.000

24.000.000

1.000 евра

15.000.000

20.000.000

25.000.000

30.000.00


Покрај овие импозантни бројки, малку нереално звучи кога ќе се додаде дека тоа не е сè. Имено, промоцијата што како држава и дестинација ќе ја добиеме меѓу туристичките сладокусци, ќе нѝ дојде сосема бесплатно. Не смее да заборавиме дека прилозите на стотици врвни медиумски куќи кои ќе бидат присутни ќе говорат за земјата домаќин, при што вообичаено е најавните содржини секогаш да бидат во позитивна конотација. Како спортски „деликатес“ кој потекнува од евро-азиското ќоше на светот, потенцијалната публика на која би се обратиле медиумите од Велика Британија до Далечниот Исток надминува три милијарди луѓе.

На крајот, побаравме изјава од претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кој ја потврди шансата за афирмација на Македонија, што би донело повеќекратна корист за државата на долг рок.

„Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан“ - изјави Ѓорѓиоски.

 

Фудбалската федерација на Македонија со добиената доверба од УЕФА за организација на Супер купот 2017 станува еден од најголемите амбасадори на нашата земја, промотор на фер-игра, на социјално и општествено вклучување, промотор на здравје и едукација во нашето општество. Ова признание е резултат на добрата работа на ФФМ, на почитта која ја ужива во УЕФА, на досегашните активности и пред сè во спремноста да биде сериозен партнер во реализацијата на врвно спортско натпреварување. Суперкупот на УЕФА ќе се одржи на 8 август 2017 година.

 

 

 

05.05.2017 - 12:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа