Сотир Костов: Платформата на албанските партии е каша-попара анахрон-документ

Несериозна, етно-платформа, како анахрон документ кој не соодветствува на овој век. Вака Политичкиот аналитичар, Сотир Костов, ја оценува платформата на дело од албанските партии во Македонија, што ја објавија на Божик, како основа за составување на идната влада.

Костов вели дека нема никакви услови, ниту пак потреба ваков документ да се прифаќа.

- Очекувам, оној кој ќе го добие мандатот за составување на владата, а тоа ќе биде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, многу одговорно да им укаже на евентуалните идни коалициони партнери во Владата на Република Македонија дека за составување на владина коалиција се нуди економско-политичка платформа, базирана на економски проекти за развој и прогрес и политички заложби за развој на демократијата и граѓанските права, а не етно-платформа во која врие од марксистички квази-теории за нацијата и етносот, кои се ништо друго, туку најобичен еклектицизам на елементи на етно-романтичарските, примордијалистичките и на марксистичките интерпретации на нацијата и етносот – платформа завиткана во бљуткавата обланда на граѓанското сфаќање на нацијата-држава или националната држава, вели Костов за Прес24.

Костов, анализирајќи го неодамнешното интервју на Груевски вели дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски Албанците доживееја најголем степен на инклузивност во политичките институции и интегрираност во сите нивоа на организирање и функционирање на нашето општество.

-Паметам дека Груевски беше тој кој без никакви предрасуди влегуваше и престојуваше во џамиите низ Македонија и во домовите на Албанците. Исто така тој прв подаде рака, организираше човечки и материјални ресурси за помош при поплавите во кои беа погодени припадници на албанската популација. И сега тоа за некого е малку, па ајде ќе правоцираме и ќе бараме промена на химна, знаме, грб и ќе бараме некаква си јазична рамноправност на цела територија на Македонија, вели Сотир Костов во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Албанските партии во Македонија испорачаа платформа, врз основа на која ќе треба да се формира идната влада. Платформата ја потпишаа на Божик. Како Вие ја оценувате оваа „божикна честитка“ од лидерите на ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците?

КОСТОВ: Мојата оценка на како што велите ‘’божикната честитка’’ од лидерите на ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците е неповолна. Непријатно сум изненаден од немањето сенс од страна на политичари кога што да напишат и потпишат и кому да му испратат . И површен поглед на текстот на ‘’платформата’’, која јас инаку ја нареков ‘’Етно-платформа’’ ни покажува дека се работи за анахрон документ на ова време, така и на просторот – Република Македонија. Јас, дури сум и крајно загрижен. Во Платформата се некако е каша попара измешано. Дали тоа е случајно? Пак ли ќе се залажуваме. Па кога бре луѓе ќе се свестиме дека се работи за тоа дека државник на друга соседна држава, а тоа се Еди Рама и Албанија, сака да ни го менува Уставот, и да го крои така како што нему му одговара. Свесни ли сме што значи тоа? Знаеме ли дека доколку тоа го дозволиме, нема ништо да остане од македонското национално битие, дека македонскиот идентитет, јазик и култура ќе се распарчат до ниво на непрепознатливост  и ќе се доведат до граница на опстој и понатамошна егзистенција. Луѓе бре да се потсетиме: Во 2001 година го имавме Рамковниот договор, во кој беше се опфатено и предвидено за рамноправно вклучување на Албанците во сите институции на Република Македонија, и во сите пори на македонското општество. Беше констатирано дека тоа се последните барања за интеграција на Албанците. И на тој план се работеше цели 15 години. Договорот е имплементиран во Уставот на Р. Македонија, и следеа еден ал рамковни акции, дејствија, проекти. Е сега тие биле малку. Некој вели дури и ништо.

ПРЕС24: Во таа платформа има седум точки... дел од нив се за прашања од општ карактер, како интеграција во НАТО и ЕУ, но тука има и прашања кои во голема мерка ја менуваат структурата на Македонија. На пример прашањето за двојазичност на целата територија на Македонија?

КОСТОВ: Тоа прашање е тешка небулоза, од која, за жал, Албанците многу тешко се ослободуваат, или искрено да кажам, воопшто не се ослободуваат. Инаку, тоа прашање е решено најпрвин со Рамковниот договор, тоа решение е имплементирано во Уставот на Република Македонија со амандан бр.5, со кој е заменет  член 7 од Уставот. Решението е дека ‘’на цела терирорија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи СЛУЖБЕН ЈАЗИК Е МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И НЕГОВОТО КИРИЛСКО ПИСМО. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така е службен јазик и неговото писмо, КАКО ШТО Е ОПРЕДЕЛЕНО СО ОВОЈ ЧЛЕН’’. Потоа следува јасното определување во единиците на локалната самоуправа. Јасно како ден. Се работи за поедини ЕДИНИЦИ НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА, А НЕ ЦЕЛАТА ТЕРИТОРИЈА НА Р.Македонија. и сега некој оценил дека тоа не е тоа, и ајде пак ќе го менуваме Уставот, и се така во недоглед. Во најмала рака невкусно и некоректно.

ПРЕС24: Темата за промена на националните симболи, химна, грб, знаме...?

КОСТОВ: Оваа тема е болна за нас, а неостварена желба за некои нереализирани политичари. Јас често потсетував на ‘’Програмата на албанската Призренска лига’’ (1878г.) и ‘’Платформата за решавање на албанското национално прашање’’ (Тирана, 1998г.), како во моите колумни, така и во настапите на телевизија. Тогаш  други ми велеа претерувам, дури ширам параноја. Добро, ама сега после оваа ‘’Еди Рама платформа’’, баш сакам да ги видам тие кои не се загрижени и си седат мирни со скрстени раце. Се залагав сите овие документи да ги проучиме, да ги разбереме и посоодветно, понавремено и поодлучно да реагираме на денешните манифестации и изрази на етносимболизмот, етноцентризмот и етнополитиката во регионот, но и во нашата држава. Зошто? Па затоа што тие се првите знаци на доктринерно-завојувачкиот, експанзионистички и негаторски карактер на поедини политички и државни дејствија на нашите соседи кон нас како народ и Македонија како држава. Тие најпрвин се ‘’испади’’ на поединци, наводно маргиналци, потоа на мали групи, наводно заведени, па следува директен терористички атак на територијата на Република Македонија, наводно исцениран, и на крајот ‘’Еди Рама платформа’’ на албанските политички партии во Македонија. Тоа ти е исто како на врата да ти тропаат национализам, шовинизам и иредентизам истовремено. Значи, не е тоа историски чекор што ја покажува волјата на албанскиот народ во Македонија, туку е најсоголен суров апетит и глад за туѓа територија, туѓа држава и друг народ.

ПРЕС24: Албанските партии бараат формирање на нови институции едното е веројатно секретаријатот за рамковен договор да премине во министерство, но другата институција која се заговара, како Државна Комисија за финиансирање на општините, повеќе наликува на некакво паралелно министерство за Финансии?

КОСТОВ: Јас во тоа го препознавам ‘’Духот на Пржино’’. Кога можеше паралелно јавно обвинителство и ред други правни и политички небулози, некој сигурно резонира, па тогаш и зошто не и паралелно министерство за финансии. А само да потсетам: уште првиот ден откако го прочитав Договорот од Пржино, во колумна напишав дека тој е ‘’диво месо’’ на правниот и политичкиот систем на Република Македонија. Сега на некој ‘’паметен’’ и ‘’многу, многу досетлив’’ во Тирана и Приштина, му текнало дека со етно-платформа а ла Договорот од Пржино може да се промени и Уставот на Република Македонија и ете ти двојазичност, ново знаме, нов грб, нова химна, федерализација, кантонизација. Море зли-луѓе, не мислите ли и само да ги броите работите – многу се(јазикот, знамето, грбот, химната, федерализација, кантонизација). Кочете бре малку. Имајте исаф и усул.

ПРЕС24: Во таа платформа има и една иницијатива за усвојување на резолуција во Парламентот за осуда на геноцидот врз Албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 до 1956 година. Како гледате на тој дел?

КОСТОВ: Кога се во прашање најразличните аспирации на нашите соседи кон Македонија како држава и македонскиот народ во неа, се сум чул и видел до ден денешен. Ама еве денес за прв пат читам и слушам дека во периодот имало некаков си геноцид на Албанците во Македонија за период од 1912 година – 1956 година. Ова е врв на невкусот и политичката некоректност и дегутантност . Ма не, ова е морбиднос без крај. На народ кој низ вековите, историјата и епохите е раселуван, ослепуван, убиван, и на народ на кој територијата му е поделена од големите политички ѕверки и дадена на ненаситните политичко-државни хиени, на тој народ да му кажеш дека на негова територија (???) се извршил геноцид на друг, албански народ (???), во најмала рака треба да си политички неук и некултурен до бесвест. Ама ете и тоа го има. Ние такви си имаме и дома и од нив си патиме. Тие во политичката борба пуштаат незрели политички изјави, од кои после сите глава не боли и имаме несогледливи последици. И сега да бидам циничен: за периодот 1912 – 1941 год. Не знам кој, каде и врз кого го извршил тој наводен геноцид. А за 1941 – 1956 год. Мора тоа комунистите пак нешто да сокриле од нас, па ние ништо не знаеме, а Еди Рама и Хашим Тачи, еве преку лидерите на албанските партии не информираат со закаснување од најмалку 61 година (од 1956г.) или најмногу од 105 година (од 1912 год.).

ПРЕС24: Сепак за голем дел, би рекол, суштинските барања, потребно е двотретинско мнозинство и уставни измени, нешто што во ваков состав на Парламентот е невозможно без согласност на двете македонски коалиции. Ако се гледа од овој аспект Платформата, тогаш колку нејзината реализација може да биде издржлива?

КОСТОВ: Тука веќе доаѓаме на теренот на правото, законитоста, уставноста и парламентаризмот. На тој проверен терен се учат најголемите животни и работни лекции. Прво, не можеш да го продадеш(смениш) името, како што продаваш сапун. Второ, не можеш да го жртвуваш(промениш) Уставот, како што жртвуваш добивка или загуба во бизнис или на пазар. Не се продава Устав како што се продава пиво. Трето, не можеш да го изневериш јазикот, затоа што на почетокот беше зборот, логосот, словото. Јазикот не се продава како кикиритки или семки. Што сакам да кажам? Вие можете да ја знаете цената на се: сапун, пиво, кикиритки. Но, и да не ја знаете вредноста на ништо. Мислам на јазикот, Уставот, името, знамето, химната, грбот. Зошто? Па тие немаат цена. Вредноста им е толку голема и непроценлива, што не ви помагаат трупишта и купишта, бројани и небројани пари. Нивната вредност е немерлива. Е па бујрум, нека чепка кој смее. Јас не би се осмелил. А богами тоа им го советувам и на тралалајките како Зоран Заев, Еди Рама и Хашим Тачи. Каде е тука она дипломатско Наполеонче Бејли, зошто не се огласува оној скандинавецот заљубен во промените, па заеднички да предупредат дека тоа е мешање во внатрешните работи на Република Македонија. Нели тие ни се пријатели. Нели претставуваат пријателски држави.

ПРЕС24: Неодамна Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски имаше едно обемно интервју за еден од порталите. Во него тој најголем дел посвети на две прашања. Едното е токму односот кон Албанците во Македонија, за кој Груевски вели дека ВМРО ДПМНЕ има најмногу направено во поглед на прашањата за правичноста и интегрираноста на заедниците, посочувајќи дека опозициските медиуми, создаваат искривена и лажна слика дека ВМРО ДПМНЕ била националистичка партија, која е против Албанците. Кој е Вашиот став за тоа?

КОСТОВ: Лично мислам дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски Албанците доживееја најголем степен на инклузивност во политичките институции и интегрираност во сите нивоа на организирање и функционирање на нашето општество. Паметам дека Груевски беше тој кој без никакви предрасуди влегуваше и престојуваше во џамиите низ Македонија и во домовите на Албанците. Исто така тој прв подаде рака, организираше човечки и материјални ресурси за помош при поплавите во кои беа погодени припадници на албанската популација. И сега тоа за некого е малку, па ајде ќе правоцираме и ќе бараме промена на химна, знаме, грб и ќе бараме некаква си јазична рамноправност на цела територија на Македонија.

ПРЕС24: Другиот дел од интервјуто беше посветен на СОРОС. Груевски вели дека СОРОС немал јасна слика што точно се случува во Македонија и дека нему сликата му ја сервираат опозиционерите кои со години се дел од НВО секторот во Македонија, а истовремено се и дел од политиката на СДСМ. Сакам да Ве прашам, колку е можно СОРОС навистина да нема јасна слика за Македонија?

КОСТОВ: По ова прашање јас мислам дека најточно е дека СОРОС и сите негови структури кои деструктивно работат во Македонија, свесно и намерно ја искривуваат вистинската слика за тоа што точно се случува во нашата држава. Па видете ја само нивната финансиска сензибилност кога им најавуваат дека на нивни 20 невладини организации државата ќе изврши контрола на работењето. Викаат, напаѓаат, цвикаат и пуштаат пискотници, како некој смртно да ги ранил. А мислам и дека смртно ќе бидат ранети, кога контролите ќе ги откријат незаконските текови и патишта на нивното финансирање од валканите пари на црноберзијанецот и шпекулант Џорџ Сорос.

ПРЕС24: Оваа недела многу работи треба да бидат појасни во насока на тоа како ќе се конституира извршната влас. Најверојатно Иванов мандатот ќе го даде на ВМРО ДПМНЕ. Со ваква Платформа на албанските партии колку е реално да се очекува дека Македонија влада ќе добие наскоро?

КОСТОВ: Со ваква етно-платформа ама воопшто не е реално да очекуваме нова влада. Очекувам, оној кој ќе го добие мандатот за составување на владата, а тоа ќе биде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, многу одговорно да им укаже на евентуалните идни коалициони партнери во Владата на Република Македонија дека за составување на владина коалиција се нуди економско-политичка платформа, базирана на економски проекти за развој и прогрес и политички заложби за развој на демократијата и граѓанските права, а не етно-платформа во која врие од марксистички квази-теории за нацијата и етносот, кои се ништо друго, туку најобичен еклектицизам на елементи на етно-романтичарските, примордијалистичките и на марксистичките интерпретации на нацијата и етносот – платформа завиткана во бљуткавата обланда на граѓанското сваќање на нацијата-држава или националната држава.

ПРЕС24: Во кој правец Вие прогнозирате дека ќе се движат политичките состојби во Македонија оваа 2017 година?

КОСТОВ: Чинам дека најпаметно е денес да не бидеме прогнозери, туку ентузијасти и работници кои ќе си ги средуваат работите во својот двор. Потребно ни е збивање на редовите и обединување на сите расположиви ресурси за одбрана на уставноста на државата ни Македонија и отфрлање на овие етно-платформи, како небулози на 21от век и најобична и најпроста провокација

 
 
09.01.2017 - 11:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа