Солза Грчева: Tолку партизирана нација не постои

Политичката криза во која се најде Македонија пост изборно е директна последица на пржинските преговори. Солза Грчева, поранешен пратеник, во интервју за Прес24, вели дека Ниту едно решение кое се донесе во Пржино не беше демократски исчекор,  а некои го кршеа Уставот, ја цементираа партократијата,  и воопшто не се создадоа механизми кои ќе гарантираат поинакво владеење. Од Тие причини вели  Македонија е втурната во криза од востановеното владеење на партиите без атом демократски капацитет, пред се оние на власт, кои демократијата ја практикуваат “победникот добива се“, а другите губат се.

-Драфтот на двојазичноста беше скициран во Берн, платформата проширена и надградена, беше напишана во Тирана и заверена во Приштина. Јасно е дека гласовите на Албанците, СДСМ не ги доби во толкав број за граѓанска Македонија, иако луѓето сакаа да веруваат во тој концепт. Неоспорно е дека ова сценарио е осмислено во центри на моќ, не е автохтон израз на потребите на граѓаните, ниту одговор на нивните проблеми. Народот кој гласаше едноставно беше измамен, вели Грчева анализирајќи ја постизборната ситуација и платформата на албанските партии.

Според Грчева, целата платформа како проект е спорна, затоа што никој не гласаше за неа, а сега се поставува како главен услов за формирање на Влада.

-Затоа сите кои преговараа или преговараат за неа имаат огромна одговорност пред граѓаните. Тоа требаше да се одбие, по цена да немаме во овој изборен циклус воопшто Влада. Се работи за принципи, се работи за тоа да покажете дека зачувувањето на власта или доаѓањето на власт не ви е поважно од државните интереси. За жал, борбата на губитниците на изборите, а такви беа сите на свој начин, се претвори во борба на очајници, вели Грчева за прес24.

Поранешната пратеничка смета дека македонското општество е до тој степен поделено, што формирање мнозинство од македонските партии како одговор на платформата е реално невозможна мисија.

-Се работи за таква омраза, за две Македонии, за два народа, за две планети за жал. Волку партизирана нација не постои. Веќе никој не ве прашува кој сте, што правите, што мислите, туку кому му припаѓате. Па ако речете дека сте свој, со сопствени ставови, тогаш сте автоматски блиски до спротивниот табор. Тоа е и смешно и тажно едновремено, вели Грќева во интервјуто.

Според нејзе, протестите се реален одговор на состојбата и се додека се мирни, за нејзе тие се полезни.

-Јас не ги гледам овие протести како режија на владеачката партија, иако таа беше јавно повикана да ги поддржи. Секогаш сум стоела зад демократското право на мирни протести. И кога маршираа 10.000 студенти, и кога протестираа стечајците, наставниците, средношколците итн. Ова е многу битен историски момент за Република Македонија и ако е сега народот индиферентен, тогаш нека не излегува повеќе никогаш од дома. Пораката е за заедничка, не за чиста Македонија. Второ, во услови кога немаме нова Влада, а актуелната дише на шкрги, уште полошо немаме Собрание што е апсурд сам по себе, тогаш логично е да очекувате вонинституционално артикулирање на незадоволството. Се додека се ненасилни, со достоинствени пораки за соживот на сите етникуми, јас овие протести ќе ги гледам како потребни и полезни, вели Грчева во интервјуто за Прес24.

Како поранешен пратеник избран од редовите на СДСМ, Грчева денеска смета дека СДСМ е како на приватна фирма. Финансирана и управувана од газдата.

-Штета, тоа беше партија со најголем потенцијал од сите. Поготово интелектуален. Сега тие луѓе се дистанцирани, а се вгнездија луѓе кои удобно кохабитираа со власта. Апсурд. Додека напаѓав од говорница, истите тие ми реплицираа, или во најдобар случај нешто малку ќе ме поддржеа за 1-2 закони, но си гласаа секогаш здушно со владеачкото мнозинство. Е сега тоа е композитот во опозицијата, која пазете постојано божем повикуваше на збивање на редовите на се што е опозиција. На крајот видовме кој всушност бил “опозиција“. Но, можеби и овие бурни настани ќе бидат и момент на отрезнување и реформирање, не само на СДСМ туку и на ВМРО-ДПМНЕ. Во интерес на државата и граѓаните, вели Солза Грчева во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Македонија наместо да излезе, таа по изборите влезе во уште подлабока политичка криза. Кој според Вас ја турна Македонија во оваа состојба?

ГРЧЕВА: Ова е нешто што го предвидував и го говорев од говорницата на Собранието. Постојано говорев дека дефектниот и нетранспарентен процес во Пржино само ќе ја заостри кризата, наместо да ја разреши. Ниту едно решение кое се донесе таму не беше демократски исчекор, некои го кршеа Уставот, ја цементираа партократијата, не се создадоа механизми кои ќе гарантираат поинакво владеење. Македонија е втурната во криза од востановеното владеење на партиите без атом демократски капацитет, пред се оние на власт, кои демократијата ја практикуваат “победникот добива се“, а другите губат се. Токму затоа борбата не е за подобра Македонија или за живот во Македонија, туку борба за задоволување на клиентелизмот, а и борба за опстанок на уценетите врхушки на партиите. Така лутајќи и играјќи си власт и опозиција, како лесен плен, дојдовме до уценети политичари, а сега и до уценета држава.

ПРЕС24: Дали платформата на албанските партии беше смислено сценарио за уцена на македонските партии, или пак однапред подготвен план за проширување на кризата?

ГРЧЕВА: Мислам дека платформата која излезе после изборите, беше одговор на албанските партии, на оние ветувања за двојазичност давани од лидерот на опозицијата пред изборите. Затоа реков повеќе пати дека драфтот на двојазичноста беше скициран во Берн, платформата проширена и надградена, беше напишана во Тирана и заверена во Приштина. Јасно е дека гласовите на Албанците, СДСМ не ги доби во толкав број за граѓанска Македонија, иако луѓето сакаа да веруваат во тој концепт. Неоспорно е дека ова сценарио е осмислено во центри на моќ, не е автохтон израз на потребите на граѓаните, ниту одговор на нивните проблеми. Народот кој гласаше едноставно беше измамен. Дополнително се разбира, албанските партии добија знак и шанса да го искористат овој момент за проширување на нивните етнички барања.

ПРЕС24: Некои од политичките партии, коалициони партнери на СДСМ, како ДОМ повикаа на повлекување на платформата. Дали нејзино повлекување може да го отвори патот кон конституирање влада?

ГРЧЕВА: ДОМ и некои поединци кои се во моментов подржувачи на опозицијата, почнаа отворено да зборуваат за повлекување на платформата. Истите тие до пред многу кусо време, ја релативизираа платформата, ја красеа со епитети, се наддаваа во благонаклони изјави за некакво нормално унапредување на етничките права. Откако видоа дека нема мандат за влада, дека Македонија се излеа на улиците на речиси сите градови, откако проценија дека цехот ќе биде платен помеѓу другото и на локалните избори, почнаа да го подигаат гласот за отфрлање на платформата. Во тоа нема искреност, туку чиста прагма. Истите тие, доколку се формираше влада, се уште ќе ни ја фалеа платформата и ќе ја гласаа во Собранието. Во овој момент, на СДСМ најмногу му одговара повлекувањето на платформата. Но, проблемот е со рејтингот на албанските партии и нивните ветувања пред електоратот. Затоа мислам дека се бараат, а веројатно и се изнаоѓаат некои меѓу решенија кои ќе можат набрзина, така спакувани во целофан, да и се продадат на јавноста. Но, и тоа ќе оди тешко, бидејќи јавноста е веќе високо сензибилилзирана.

ПРЕС24: Како Вие ја оценувате платформата во целост, и како посебно одредени делови?

ГРЧЕВА: Знаете, секое прашање е легитимно и може да се зборува за него, но само во Собранието пред очите на јавноста. Не во четири очи, не партиски лидери, не со уцени, не со тргување за сопствени интереси, не со мешање однадвор. Прво за мене целата платформа како проект е спорна, затоа што никој не гласаше за неа, а сега се поставува како главен услов за формирање на Влада. Затоа сите кои преговараа или преговараат за неа имаат огромна одговорност пред граѓаните. Тоа требаше да се одбие, по цена да немаме во овој изборен циклус воопшто Влада. Се работи за принципи, се работи за тоа да покажете дека зачувувањето на власта или доаѓањето на власт не ви е поважно од државните интереси. За жал, борбата на губитниците на изборите, а такви беа сите на свој начин, се претвори во борба на очајници. Некои прашања во платформата се навистина многу спорни. За мене е неприфатливо официјализирањето на албанскиот јазик, вон опсегот кој е дефиниран во Уставот. Сум за тоа да се имплементира до крај Охридскиот договор, без разлика на резултатите од евентуален попис од кој се бегаше со години во име на партиската коалиција на власт, бидејќи враќањето на процесите назад би било опасно и штетно. Но, редефинирање и практично поништување на овој договор е неприфатливо. Да не зборувам за бришењето на границите со некои соседни држави, менување на симболите на нашата државност, носење на етнички, а не на регионален буџет, за тоа дека некои народи се геноцидни и т.н. За тоа нема што ни да се дебатира. Од друга пак страна, немам никаков проблем да Албанец или прпадник на било која етничка заедница има било која политичка функција во државата. Тоа не ја згрозува унитарноста и дефиницијата на државата. Значи тоа не е проблем. Може да биде амалгам во општеството, а не фактор на разединување. Но, вакви експерименти какви што се бараат се далеку од умот, но блиски до едни соништа за кои мислевме дека сме ги оставиле во темнината на минатото. Никако не смее да се наруши концептот на мултиетничко општество какво што сме и да се создава држава на два етникума. Ако свесно ја понижувате мнозинската заедница, и испорачувате непристојни предлози, вие ја минирате државата. Сега слушаме дека се ќе било ва рамки на Уставот, но јас искрено мислам дека Уставот се растегнува по потреба, а слушам и за бајпаси со носење на закони со европски знаменца по скратена процедура. Тоа нема да може да помине. Не, на штета на државата и нејзината дефиниција во Уставот. Како што реков, народот е сензибилизиран, веројатно на изненадување на овие играчи кои фатени во прегратката на еден фатален танго, Фројдовски опседнати од љубов и омраза во исто време, конечно ќе мораат да се отрезнат. Македонија веќе не верува никому бланко и тоа е добро.

ПРЕС24: Многумина сметаат дека излез од кризата може да биде политички договор меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, како одговор на платформата на албанските партии. Зошто таква опција истовремено се оценува како невозможна мисија?

ГРЧЕВА: Тоа е реално невозможна мисија. Се работи за таква омраза, за две Македонии, за два народа, за две планети за жал. Волку партизирана нација не постои. Веќе никој не ве прашува кој сте, што правите, што мислите, туку кому му припаѓате. Па ако речете дека сте свој, со сопствени ставови, тогаш сте автоматски блиски до спротивниот табор. Тоа е и смешно и тажно едновремено. Видете како СДСМ игра со ДУИ без проблем, иако цело време ги обвинуваше дека се дел од тендерска коалиција, криминалци, итн. Значи, ќе има таков договор за кој говорите само ако постои партиски интерес, но не и државен. Како што видовме, државните интереси се дадени на лицитација.

ПРЕС24: Изминативе две недели во Македонија има масовни протести. Како вие гледате на нив?

ГРЧЕВА: Ќе беше навистина чудно да немаше протести. Јас не ги гледам овие протести како режија на владеачката партија, иако таа беше јавно повикана да ги поддржи. Секогаш сум стоела зад демократското право на мирни протести. И кога маршираа 10.000 студенти, и кога протестираа стечајците, наставниците, средношколците итн. Ова е многу битен историски момент за Република Македонија и ако е сега народот индиферентен, тогаш нека не излегува повеќе никогаш од дома. Пораката е за заедничка, не за чиста Македонија. Второ, во услови кога немаме нова Влада, а актуелната дише на шкрги, уште полошо немаме Собрание што е апсурд сам по себе, тогаш логично е да очекувате вонинституционално артикулирање на незадоволството.

Се додека се ненасилни, со достоинствени пораки за соживот на сите етникуми, јас овие протести ќе ги гледам како потребни и полезни. Кога моите претци можеле со пушки да одат во планини и да се борат за Македонија, од што тоа јас денес, треба да се плашам? Од етикети? Тие и онака се лепат и кому треба и кому не треба.

ПРЕС24: Ве прашувам од еден друг аспект, бидејќи учесниците на овие протести деновиве се предмет на постојани омаловажувања и напади и тоа од лица кои пред неполна година секојдневно фрлаа боја врз државните институции. Дали на правото на протест во Македонија се гледа со двојни аршини?

ГРЧЕВА: Па тоа е таа поделена Македонија за која претходно зборував. Секој го гледа криминалот кај другите, а кај себе го релативизира или се обидува да го прикрие. Се зборуваше за тоа колку беше страшен моментот на згаснување на А1 телевизија, а сега сме на чекор да згасне ТВ Нова. Рециклирање на политиките. Се зборуваше за “ваши“ судии, а сега има борба за “наши“ судии. Никако за независни, бидејќи такви нема ни да бидат. Во сета оваа хипокризија пропаѓа обичниот човек, за кого единствено ќе важат и понатаму казните, тие нема да имаат привилегии да не се појавуваат на судски рочишта, за нив никогаш во ваков недемократски амбиент нема да има достоинствено место за живеење. Република Македонија треба под итно да стане една изборна единица, да добијат и помалите партии шанса за учество во институциите, бидејќи политичката сцена веќе ни личи на борба на улични банди од Дивиот Запад.

ПРЕС24: Во тој контекст е и една случка во која Вие бевте центар на внимание, по еден статус што го напишавте на фејсбук, за подоцна да станете предмет на омаловажување, токму од оние кои постојано зборуваат за слободата на изразување и нејзината загрозеност?

ГРЧЕВА: Да, тоа е навистина феномен. Тоа беше еден статус во кој мојот син, кој во моментов е во странство, загрижен ми се јави и праша кога да дојде на протести. Знаете, моето семејство, мојот код е длабоко македонски, па така и на мојот син. Истовремено и широко космополитски. Оние кои ме навредуваа мислеа дека и самиот факт што сум жена, ќе ме направи попогодна мета. Само многу се прецениле во мојот случај. Не  знаат на пример дека кога си одев од Собранието, многу луѓе од службите ме испраќаа со зборовите: “Г-ѓо Грчева, бевте повеќе маж од маживе пратеници во салата“. Да, јас сум борец и не потклекнувам пред такви долни ударци. А силата ја имам поради тоа што не сум корумпиран политичар, не сум уценет политичар и што секогаш и без остаток поаѓам од реалните потреби на граѓаните. Тоа го правам без компромис и гледам дека луѓето препознаа еден инаков израз, искрен и автентичен став. Инаку, ова е од абц-дата на демократијата која кај нас длабоко се изигрува со пратеници на копче.

ПРЕС24: Она што е едно од прашањата во овој момент за кое јавноста бара одговор е што точно содржи договорот меѓу СДСМ, ДУИ и останатите две албански партии. Некои велат дека ниту пратениците на СДСМ немаат точни информации?

ГРЧЕВА: Веќе конечно и чувме нешто од лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Би сакала да знам и до каде стигнаа и зошто прекинаа преговорите на ДУИ и со ВМРО-ДПМНЕ. До каде и тие прифатиле. Непримерен е односот на партиите да преговараат во тајност за вакви важни прашања. Кој им го дал пред се мандатот за овој корпус на прашања? Што се однесува до пратениците, верувам дека не знаат ништо, барем голем број од нив. Па тие се сведени на бројка со децении наназад. Кој од таканаречените лидери некогаш изјавил на пример: “ние преговараме и ќе им предложиме на нашите пратеници ова да го прифатат...“. Во нормална демократија тие не смеат да сметаат на 100% сигурни гласови ниту од своите, а камоли од другите пратеници во коалицијата. Ние прифативме модел на парламентарна демократија само за да го изигруваме, а не да извлечеме максимум низ тој продуктивен судир на аргументи. Можеби е време за некои конституционални редефиниции кои повеќе би ни одговарале, барем додека не се спремиме за вистинска демократија.

ПРЕС24: Како ги коментирате изјавите на Зијадин Села во кои тој го негира македонскиот идентитет?

ГРЧЕВА: Неколку пати изјавив дека не смее да се коалицира со некој кој ве негира како народ, кој заговара паралелни институции, дури и паралелно Собрание. Точка. Не можете да коалицирате со нив само како проста математика. И многу ми беа чудни изјавите дека над 600.000 гласачи гласале за промени. Да, но за какви?! Ако е за промените во стилот на Села, тогаш кој е вашиот заеднички интерес за “промени“.

ПРЕС24: Вие во претходниот парламентарен состав влеговте како пратеник на СДСМ. Потоа се разидовте со лидерот Зоран Заев. Во овој период и многу други партиски функционери веќе не се дел од овој СДСМ. Од денешна дистанца како гледате на овој и ваков Социјалдемократски сојуз?

 

ГРЧЕВА: Како на приватна фирма. Финансирана и управувана од газдата. Штета, тоа беше партија со најголем потенцијал од сите. Поготово интелектуален. Сега тие луѓе се дистанцирани, а се вгнездија луѓе кои удобно кохабитираа со власта. Апсурд. Додека напаѓав од говорница, истите тие ми реплицираа, или во најдобар случај нешто малку ќе ме поддржеа за 1-2 закони, но си гласаа секогаш здушно со владеачкото мнозинство. Е сега тоа е композитот во опозицијата, која пазете постојано божем повикуваше на збивање на редовите на се што е опозиција. На крајот видовме кој всушност бил “опозиција“. Но, можеби и овие бурни настани ќе бидат и момент на отрезнување и реформирање, не само на СДСМ туку и на ВМРО-ДПМНЕ. Во интерес на државата и граѓаните.

 

 

 

12.03.2017 - 12:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа