Собранието почна расправа за предлог завршната сметка за буџетот за 2016 година

Собранието на Република Македонија попладнево ја почна расправата за Предлогот завршната сметка за Буџетот за 2016 година. 

Министерот за финансии Драган Тевдовски во образложението потенцираше дека завршната сметка е посебна затоа што, наведе, Буџетот за 2016 беше креиран од еден министер за финансии, прекројуван и  спроведуван од негов наследник од истата Влада, а отчет давам јас како министер за финансии од новата Влада.

Тевдовски рече дека економскиот раст на Македонија во 2016 изнесува 2,4 проценти, забалежувајќи оти тоа е најниска стапка на економски раст во регионот. Во последниве години економскиот раст изнесува околу 2,5 проценти за Македонија, но ако се исклучи трошењето на државни пари во градежништвото тој се намалува на околу 0,5 проценти. Ова значи дека приватните инвестиции во земјава се ниски дека бизнис секторот е задушен и не го создава  очекуваниот раст, наведе Тевдовски.

- Растот се состои од трошење на државата и тоа добро знаете во што. Многу често во непродуктивни проекти како „Скопје 2014“ и згрешени автопати. Најпроблематично е што на долг рок е ова неодржливо бидејќи во економијата не се создава доволно додадена вредност доколку движењето е врз основа на задолжување. Типичен претставик за ова е 2016 година, додаде минстерот.

Според него економскиот раст во Македонија во 2016 година во најголем дел се должи на растот на градежната активност која што порасна за 18,5 проценти и тоа секако со помош на државни интервенции. - Спорно, смета тој, е и што некои позитивни проекти како изградба на патна инфраструктура поради грешки може да донесат до сериозни дополнителни обврски за државниот буџет во следните години, а од друга страна индустрискиот сектор којшто треба да биде двигател на економскиот раст забележал во 2016 пад од 1,5 процент, рече Тевдовски. 

Ако се гледа БДП во расходниот метод, појасни, економскиот раст во 2016 е резултат на раст на извозот пред се на странски компании во слободните економски зони. Тој забележа реален раст од 11,5 проценти, но се должи на целосно ослободување на странските компании од даноци и царини и голема државна парична поддршка, рече министерот за финасии потенцирајќи дека најпроблематично е што во 2016 година се намалија инвестиците кои се клучниот елемент на растот на економијата.

Како што наведе, вкупните  приходи на Буџетот се реализирани во износ од 169,3  милијарди денари, а расходите  во износ од 185,4 милијарди денари, поради што буџетскиот дефицит изнесува 16,1 милијарда денари, односно 2,7 проценти од БДП. 

Тевдовски, меѓу другото, наведе дека Буџетот, се полнел главно преку индиректни даноци. Вкупните буџетски расходи, потенцира, бележат пониска реализација, а кај капиталните расходи  има отстапување од 5,3 милијарди денари.

- Треба да учиме од грешките од минатото и да не дозволиме тие да се повторат,  рече Тевдовски, кој вети дека на крајот на мандатот Македонија ќе има завршна сметка како Данска.

Во излагањето на завршната сметка министерот за финансии претстави и дел од новините во Министерството, соопштувајќи оти Министерството за финансии е во заврша фаза на реализирање на Паблик Фајнанс Менаџмент (ПФМ) стратегијата за која во изминатите две три години немало политичка волја за прифаќање.

Реплицирајќи, Крсто Мукоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека министерот во излагањето се демантирал.  Во прилог на своето тврдење цитираше дел од завршната сметка  според која „ во текот на  2016 година јавните финансии обезбедија навремена исплата на законски остварените права без да се загрози фискалната  одржливост на земјата со едновремено реализирање  на ефикасна и економична јавна потриошувачка кои придонесоа за одржување на макроекономската стабилност и одржување позитивни стапки на економски раст“.

Дефицитот во завршната сметка, потенцираше Муковски, е помал од она што беше проектиран, односно од наспроти проектираните 2,9 проценти од БДП,  изнесуваше 2,7 проценти

Според Мукоски, новата Влада се задолжува рапидно дури повеќе од претходната Влада. Со ова темпо на задолжување со издавање на еврообвзницата на крај на годината ќе завршите со 650 милиони евра, рече Мукоски.

Тевдовски пак, наведе дека Министерството за финансии имало ново нето задолжување од 1,2 милијарди денари, а во истиот месец вратило 75 милиони евра кредит од Дојче банка којшто бил земен во 2002 година. - Ние сме зеле една третина само од тоа што сме го вратиле, рече Тевдовски појаснувајќи дека каматната стапка на задолжувањето на Министерството за финансии изнесувала во просек 2,2 процента, но каматната стапка по која претходната влада го зела кредитот што го вратиле изнесувала над 5,5 проценти.

По репликите од опозициските пратеници на излагањето на Тевдовски претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина работата по точките од дневниот ред на осмата седница и објави пауза по чие завршување најави расправа по точките од нова седница.

 

 

 

14.07.2017 - 17:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа