Силно невреме во Европа: Откорнати дрва и откажани летови- три лица го загубија животот

Најмалку три лица ги загубија животите во денешни инциденти што се случија поради силна бура што ги погоди Холандија и други европски држави.

Сите летови од амстердамскиот аеродром Схопхол се откажани, во Британија повеќе илјади домови се без струја, а наставата во школи во делови од Германија е откажана поради бурата што го погоди северозападот во Европа. 

Во источната холандска провинција Овересељ загина маж на возраст од 62 години кога го удрила гранка од дрво, друг маж загина откако во источниот град Енсхедеу врз неговиот автомобил паднало дрво. Во централниот град Вирен загина 66-годишен маж откако паднал од висина од неколку метри, најверојатно поради силниот ветар кој на моменти бил со брзина од 140 км/час.

Холандскиот метеоролошки институт издаде предупредување со ознака „црвено“ што е највисоко за временски услови.

На Твитер налогот на Схипхол наведено е дека се откажани летовите поради лоши временски услови. Холандската авиокомпанија КЛМ соопшти дека откажале повеќе од 200 летови од амстердамскиот аеродорм поради бурата. Во прекин во Холандија е и железничкиот сообраќај. 

Силни ветрови, снежни врнежи и голомразица предизвикаа во Грција, Британија, Германија, Белгија, Романија и други делови од Европа прекин на напојување со електрична енергија. Откажано е или со доцнење се одвива патниот, железничкиот и авио сообраќајот. 

Во Велика Британија, повеќе илјади домови се без струја, а поради оштетување далекуводи и соборени стебла има измени во железничкиот сообраќај. Условите во делови од Шкотска се исклучително опасни, а возачите се советувани да избегнуваат управување возило поради силни ветрови, снег и мраз. 

Во делови од Белгија бурата собори стебла, а авиосообраќајот од меѓународниот аеродром Завентем е променет. Белгиското пристаниште Гент е затворено поради бурата. Белгија го подигна на ниво портокалово, степенот на предупредување од бура, на север во државата, а во Брисел беше во прекин трамвајскиот превоз. Затворени се и неколку паркови во Брисел. 

Во голем дел од Германија затворени се школите. Властите ги предупредија граѓаните особено во западниот и северниот дел од државата да не ги напуштаат своите домови.

Германски медиуми јавија дека на одеелни патишта во северниот дел судари се регистрирани на секои две минути.

 

 

 

18.01.2018 - 17:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа