Што мисли СДСМ кога мисли

 
Веќе како да ни стана навика од опозициските партии да не очекуваме реална и конкретна политичка програма и понуда. Ниту ја очекуваме, ниту можеме да ја замислиме како нешто сосема нормално кога станува збор за политички партии. Ни стана навика политичарите од опозицискиот блок да не ги сфаќаме, ниту да ги земаме за сериозно. Нивниот збор немал, ниту пак сега или утре ќе има некоја поголема политичка тежина.

За разлика од нив, политичарите од власта, а особено оние од ВМРО-ДПМНЕ се под континуиран граѓански мониторинг, 24/7. Се ставаат на кантар сите нивни изјави, зборови, детаљно се анализира секој понуден, ветен и реализиран проект, се повикуваат политичари на одговорност. Се добива впечаток дека опозицијата, а посебно СДСМ, бидејќи никој не ја сфаќа сериозно, може да истресе се на јавна сцена без грам одговорност, може да пролупа се на дневна основа без никому да му е гајле за тоа. Kако да се навикнавме опозициските партии да ги прифаќаме како нешто што едноставно мора да е тука заради одржување на природниот баланс во системот, заради простото „функционирање“ на системот позиција-опозиција. Опозицијата, а особено СДСМ, во сопствената лагодна состојба да истресат што е можно повеќе зелени без никој да ги сфати сериозно, па дури и комично, ги минаа сите можни граници, ги отворија сите можни плафони. Посебен плафон достигнаа со последниве изјави дека кога СДСМ ќе дојде на власт ќе започнел со реализација на нивната најнова програма како да се подобри социјалната клима во земјата, и како земјата на подобар начин да се справи со социјалната сиромаштија. Плафонот е навистина партиско откровение.

СДСМ зборува за санирање на сиромаштијата што самиот ја создаде. СДСМ открил иновативен начин како да се справи со нешто што го направи на „иновативен“ начин. Имале лек за сиромашните, за луѓето што тие ги направија сиромашни. Прво ги разболеа, па потоа во својство на неповикани доктори се нафаќаат да ги лекуваат. Им нашле соодветен третман. И не треба да си многу од оние што политички им текнува за да собереш два и два. За да се сетиш дека токму катастрофалните политики и нивните „резултати“ од времето на владеењето на СДСМ ја направија најголемата социјална болка на македонските граѓани.

Токму нивните погубни политики оставија над 200.000 граѓани без плата, без работно место, без основни средства за егзистенција. Ако не беа тие најмрачни денови од македонската транзиција, приватизација и економија, денес немаше да има потреба да зборуваме за „нови“ пакети на социјално- ранливите семејства. Немаше да зборуваме за сиромашни граѓани. Немаше да гледаме надувани партиски балони за изборни цели кои наводно водат грижа за најсиромашните. Изјави од типот „кога ќе дојдеме на власт, до април 2017 година, ќе ја зголемиме минималната плата на 12.000 денари, а до 2020 година ќе ја покачиме на 16.000 денари“, или она што СДСМ го циркулира во јавноста преку партиски соопштенија, дека „СДСМ по 11 декември парите ќе ги троши исклучиво за потребите на граѓаните и граѓаните ќе се возат по нови и безбедни патишта“, се класични предизборни балони на кои веќе никој не се „качува“. Иако тие во превод значат, македонски граѓани не грижите се, СДСМ ќе ве „вози“ безбедно и исклучиво во согласност со вашите потреби. Ако немате потреби, СДСМ ќе ви смисли и потреби само за да бидете возени. И ќе речете, добро пред избори секој има право да си го бара своето место под сонцето. Секако, легитимно е секоја партија да има право да бара доверба од граѓаните, да ги убедува граѓаните, да ветува брда и долини. Но, од друга страна, треба да се напомене дека секоја одговорна политичка партија, како впрочем и секој човек, мора многу да внимава што зборува и што ветува. Да внимава колку ветува и дали тоа што го ветува го практикува во средините каде што ја има добиено довербата од граѓаните во неколку мандати.

Зборот многу лесно може да се провери. Ветувањето исто така. Многу лесно може да се види дали ветеното реално е остварено или не. Логично прашање што секој граѓанин си го поставува кога го слуша ветувањето на СДСМ и Заев за минималната плата е зошто Заев, кога веќе се одлучил да ветува минимална плата од 12.000 денари месечно за сите вработени македонски граѓани, не им исплаќал до сега или не им исплаќа од сега таква плата на вработените во неговите или нему блиските фирми? Секој граѓанин сака да добие одговор зошто вработените, на пример, во фирмата за конфекциски производи „ТЕВОKС-KОМ“, подружница Филеви, или вработените во конзервната фабрика во село Дабиље, или многу други, немаат до сега добиено ниту приближно таква плата каква што Заев сега предизборно ја ветува? Зошто кога веќе Заев го знае начинот како да им ја покачи минималната плата на сите вработени во земјата не ја започне „операцијата“ зголемување на минималната плата-пилот-проект прво на вработените кои се во неговата најблиска средина, кои работат во неговите фирми или во фирмите на неговото пошироко семејство? Зошто Заев не го сторил тоа до сега или еве веќе од денес на луѓето што зависат од неговата „добра менаџерска волја“? Или можеби веќе го сторил, ама не кажува? Kаде е политичката сериозност на ова ветување на Заев? Kако да му веруваат граѓаните во искрените намери и чесните зборови кога неговото политичко ветување не може да го помине ниту прагот на Струмица и Струмичко, а камоли подалеку.

Дали е ова уште едно од многуте политички лицемерства што навикнавме да ги гледаме токму од челниците на СДСМ? Едно да зборуваат и ветуваат, друго да прават, трето да мислат. Дали Заев повторно решил да се вози на истиот воз, и политичкото лицемерство во надградена форма да ни го продава како нова политичка иднина?

Несериозно во најмала рака. За жал, СДСМ с` уште живее во времето кога со едно фрлање безброј голи бројки во етерот, без никакво поконкретно образложение, можеше да однесе изборна победа. СДСМ се уште се вози на истиот воз од пред дваесет години, со истиот возен ред, и по истите пруги изградени од нивните претходници. СДСМ се уште се вози во истата „лада“ по патот од пред дваесет години надевајќи се дека македонските граѓани се наивни и доволно глупави да не можат да направат разлика што е обична политичка пропаганда, а што детаљно обмислена, реална проектна програма. СДСМ се уште мисли дека некој во државата му верува кога зборува дека нивниот гнил и распаднат воз може да тера по пругата. Уште верува дека распаднатиот воз има капацитет да ги качи сите и да стигне до посакуваната цел.

Ако СДСМ овој пат сака да не служи за потсмев, да не делува како расипана џубокс-машина, треба на јавноста детаљно да и објасни како мисли да ги реализира своите мисли во форма на партиски ветувања. Истото важи и за новите и безбедни патишта“. Што точно СДСМ планира да гради кога ќе дојде на власт. На кои конкретни патни правци мисли СДСМ. За кои конкретни патишта зборува оваа партија. На што точно мисли СДСМ кога мисли.

Новата политичка реалност што ја воведе ВМРО-ДПМНЕ пред десет години бара конкретна политичка понуда со многу прецизно дефинирани бројки, ставки, рокови. Македонските граѓани научија да ценат сосема нова, поинаква политичка филозофија и практика заснована, пред с`, на политичка одговорност за ветеното, и на политичка отчетност за стореното. А одговорноста и отчетноста се учат преку работата. Преку сработеното, преку направеното. Kолку повеќе сработено, толку поголема одговорност и отчетност. Сработеното е мерливо и конкретно. Реализираните дела се единицата мерка. А токму реализираните дела се клучниот збор што ја прави недостижна разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Барем во наредните педесетина години…

Проф.Др. Тања Каракамишева Јовановска

 
 
15.09.2016 - 11:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа