Сеад Кочан: Секоја минута политичка криза е штетна за македонската економија

Најголеми штети од политичката криза што ја предизвика опозицијата ќе претрпи економијата и бизнисот. Бизнисмените апелираат на размумносто до политичарите што поскоро да ги надминат сите недоразбиеања затоа што постојат сериозни ризици од подолг застој на економските движења. Сеад Кочан, заменик претседател на Сојузот на стопански комори, во интервју за Прес24, ја потенцира загриженоста за штетоноста од неоговрните политики на политичарите.

-Доколку имало одредени планови за развојни активности или планови за инвестирање,  тогаш тие на краток и на среден рок ќе подзастанат, а тоа  негативно ќе влијае на целокупната економија. Во кратки црти, ситуацијата мора да се среди во најбрз можен рок и паралелно да се реваншира секоја изгубена минута и можност, вели Кочан за Прес24.

Тој потенцира дека ваквата состојба може да се орази негативно и врз имиџот на Македонија што во странство го правеше изминативе години со цел привкелување на странски инвеститори. Идеалната територија за бинзнис, лесно може да се претвори во црна точка на инвестициската мапа.

е плашам дека  главниот удар на политичката криза може да се очекува и да се осети токму на планот на привлекување на нови странски инвестиции. Оние компании кои решиле да инвестираат кај нас, ќе се потрудат да почекаат да се расчисти политичкава ситуација, па да почнат со реализација. Но може да дојде и до негативна реакција, доколку чекањето се одолговлечи, вели Кочан за Прес24.

Тој потенцира дека за држави како Македонија, Политиката треба да биде партнер на бизнисот, а не негов соперник.

-Патиштата на бизнисот и политиката во една држава, посебно во една држава како Македонија, постојано се пресретнуваат и преплетуваат. Бизнисмените постојано вложуваат во подобрување на локалната економија, па правопропорционално на тоа, очекуваат креирање на подобра клима за нивниот бизнис од локалната власт. Понекогаш, неопходна е јасна поделба на бизнисот и политиката. Но многу често, тие две работи одат заедно, вели Сеад Кочан во интервју за Прес24.

 

ПРЕС24: Веќе извесен период Македонија се наоѓа во една нестабилна политичка ситуација кој се рефлектира во оштеството. Како бизнис заедницата гледа на ова?

КОЧАН: Политичката нестабилност ќе ги замрзне економските очекувања за зголемена потрошувачка и повисок економски раст, бидејќи меѓу најважните работи за бизнис заедницата е стабилноста.  Бизнисмените, стопанствениците, вработените во бизнис секторот се претпазливи и пред се, едногласни: политичката криза и нестабилната ситуација негативно влијае врз економските процеси т.е. врз општеството и моменталното издигнување на државата на било кое поле.Доколку имало одредени планови за развојни активности или планови за инвестирање,  тогаш тие на краток и на среден рок ќе подзастанат, а тоа  негативно ќе влијае на целокупната економија. Во кратки црти, ситуацијата мора да се среди во најбрз можен рок и паралелно да се реваншира секоја изгубена минута и можност.

ПРЕС24:  Постои ли опасност за посериозни рефлексии врз економијата и бизнисот доколку ваквата политичка состојба продолжи?

КОЧАН:  Како што кажав, стабилноста е една од најважните работи за брз развој на економијата и бизнисот, така што, доколку ваквата политичка состојба продолжи, тоа може единствено да ја доуништи досегашната експанзија и развој на државата и негативно да влијае на бизнис заедницата, но и на поединци. Или едноставно кажано, на граѓаните и државата како една целина. Најважно за бизнис заедницата е владеењето на правото, и нормално, да има долгорочна стабилност во законите. Сите знаеме дека само стабилни, амбициозни и функционални институции и компании се гаранција за успех и успешна ефикасност и ефективност.

ПРЕС24:  Изминативе неколку години Македонија во светот градеше слика како идеална територија заводење бизнис. Колку ова што сега се случува може да ја промени сликата кај странските инвеститори?

КОЧАН:  Македонија и  навистина е идеална територија за водење бизнис, и баш поради ова, се плашам дека  главниот удар на политичката криза може да се очекува и да се осети токму на планот на привлекување на нови странски инвестиции. Оние компании кои решиле да инвестираат кај нас, ќе се потрудат да почекаат да се расчисти политичкава ситуација, па да почнат со реализација. Но може да дојде и до негативна реакција, доколку чекањето се одолговлечи. Доколку дојде до ова, заинтересираните многу лесно може да се преориентираат кон други земји, кои што исто така се трудат да привлечат странски инвеститори. Сето ова е еднакво на штета за домашната економија, помалку вработувања, помалку извоз, итн. Сеуште постои оној стереотип на ризични земји за инвестиција, па затоа истите тие инвеститори се плашат и двоумат да се фрлат во акција т.е. да инвестираат во земја каде што владее слична политичка ситуација.

ПРЕС24:  Кој е Вашиот апел како бизнисмени кон политичарите?

КОЧАН:  Најголемата колатерална штета во политички брановит период е секогаш бизнисот. Факт е дека моменталната ситуација не е во ничиј прилог. Сите сме свесни за тоа, вклучувајќи ги и политичарите. Не треба да им кажуваме на политичарите како да си ја вршат работата, но сепак сметам дека истите треба да покажат поголема толеранција и разбирање за граѓаните, без разлика дали станува збор за бизнис заедницата или други групи и поединци. Засегнати сме сите. Тука сум да помогнам, во рамки на моите можности, нема да се воздржувам јасно и гласно да укажам на проблемите и да критикувам ако видам дека нема каков било позитивен исчекор.

ПРЕС24:  Честопати во Македонија се зборува дека бизнисот и политиката одат заедно. Можно ли е да се прави бизнис без политика?

КОЧАН:  Има една американска поговорка која вели: „Бизнисот ја создава политиката. А политиката се грижи за бизнисот“. Па според тоа, бизнис без политика.... Сметам дека тоа е едноставно невозможно. Патиштата на бизнисот и политиката во една држава, посебно во една држава како Македонија, постојано се пресретнуваат и преплетуваат. Бизнисмените постојано вложуваат во подобрување на локалната економија, па правопропорционално на тоа, очекуваат креирање на подобра клима за нивниот бизнис од локалната власт. Понекогаш, неопходна е јасна поделба на бизнисот и политиката. Но многу често, тие две работи одат заедно.

ПРЕС24:  Кога би правеле анализа за развојот на македонската економија по осамостојувањето до денеска, како би го оцениле тој развој?

КОЧАН:  После 20 години неуспешна транзиција ни се случи тоа – експанзија. Македонија се развива економски, се заснова на конкурентна економија, на интегрирана економија, така што повеќе економски цели се достигнати. Убеден сум дека државата никогаш не била во подобра состојба од моменталната економска состојба и дека навистина се напредува во позитива. Точно е дека Македонија имаше дведецениски развој во кој се чувствуваше стагнација, но промените кои следеа во системот не можеше така едноставно да се надминат. Значи не требаше само да се подобрат условите за понатамошно функционирање, туку мораше безусловно да се смени и самиот менталитетот на државата.

Ние имаме промена на економскиот систем, на образовниот, на здравствениот, на секој системот во кој што функционираме. Со ова сметам дека нема друг одговор, освен тоа дека позитивно го оценувам развојот на економијата во Македонија.

ПРЕС24:  Сите последни неколку релевантни извештаи на светски институции кои ги мерат условите за бизнис во државата покажуваат дека Македонија има идеална клима. Сепак, колку оценките на хартија се и оценки од теренот?

КОЧАН:  Покрај идејата и обезбедувањето на финансии,  постои еден битен екстерен фактор а тоа е економската средина. Факт е дека политичките, економските, социјалните, демографските и техничките промени можат да донесат поголем профит и нови бизнис идеи од една страна, но исто така можат да го доведат и до комплетно замирање на бизнисот. Како пример, можеме да ги посочиме економскиот раст и зголемената побарувачка кои директно претставуваат плодно поле за нови идеи и поголем профит, но пред се за странски инвестиции. Мислам дека нема поголем доказ за поволноста на Македонија од странските директни инвестиции, како и зголемениот извоз и секојдневните меѓународни средби и конференции. Исто така, постојат голем број на македонски компании кои што се доказ за локалниот успех и добрата бизнис клима во Македонија.

ПРЕС24:  Вие доаѓате од градежниот сектор. Тој изминативе неколку години како што светот го зафати економската криза, во Македонија беше еден вид  мотрона сила на бизнисот. Дали таа политика на ангажирање на градежништвото се покажа како исправна?

КОЧАН:   Поголема градежна експанзија, односно создавање и подобрување на условите кои придонесуваат за зголемување на градежните инвестиции се реализирани со новиот пакет реформи.

Со оглед на тоа дека и во Буџетот за 2015 имаме расходна страна од 300 милиони евра, 80 % е предвидена во инфраструктурни проекти како покривање на автопатската делница на К – 10, исто така предвидени се изградба и на голем број инфраструктурни проекти,имаме санација на регионални и магистрални патишта,изградба на локални патишта, предвидени се изградба на клиники, ТИРЗ- овите, пругата на К- 8, изградбата на двете делници, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, сето тоа, ни дава основа за оптимизам дека гредежниот сектор не само оваа година туку и во наредните години ќе биде двигател на економијата.

Со оглед на тоа што економијата во Европа малку потешко заздравува, за жал останатите сектори кои се извозно ориентирани нема да ја добијат таа можност да се искачат до таа мерка за да можат условно кажано да ја загрозат лидерската позиција на градежништвото во Македонија. Политиката со ангажман на градежништвото се покажа и поисправна од очекуваното.

ПРЕС24:  На почетокот градежните активности минатата година во инфраструктурата беа оценети како експалзија на градежништвото. Дали од денешна дистанца се исплнија очекувањата?

КОЧАН:  Како што веќе напоменав, после 20 години неуспешна транзиција ни се случи тоа – експанзија на градежништвото. Истата резултираше со реализација на огромен број на проекти, Речиси една милијарда евра вредни инфраструктурни проекти се градат или допрва ќе почнат да се работат во земјава. Ова се добри предуслови за уште една нова, уште поголема експанзија во градежништвото годинава. Очекувањата се исполнуја во целост, основата е дека се тргна, се почна да се прави во делот на економијата, се уредоа законите, тука се почна во делот на усогласувањето, да можат сите компании да учествуваат рамноправно на пазарот, исто така се отворија нови политики – за привлекување на СДИ. Тоа е нов момент кој 15 години стоеше само на хартија . Времето исто така покажа дека проектот 2014 година беше еден проект кој дојде во вистинско време , во време кога имаме светска и европска должничка криза и ни требаа краткорочни проекти, а градежништвото со својот развој повлече уште 20 останати гранки.

ПРЕС24:  Многумина економски аналитичари оценуваат дека социо-еконмскиот дијалог, односно соработката на бизнисот и извршната власт во Македонија изминативе години е можеби еден од најуспешните од сите останати сектори. Дали се согласувате со оваа теза и како Вие ја оценувате соработката со Владата?

КОЧАН:  Привлекувањето на нови странски инвестиции, подобрување на бизнис климата во земјата, како на локално ниво, така и на интернационално, нови вработувања, зајакнување на финансискиот пазар и на регулативата, како и намалување на бирократско-административните пречки се основните цели на бизнис заедницата, а истовремено и од огромно значење и корист и за Владата на Република Македонија, и истата редовно соработува со деловната заедница, бидејќи тоа, според бизнисмените и политичарите, ќе го забрза економскиот раст на земјава и ќе го подобри животниот стандард. Така што, да, потполно се согласувам со оваа теза, бидејќи позитивната оцена и ефективната реализација, кои што сликовито го доловуваат моменталниот труд на двете страни, се од заеднички интерес и за бизнис заедницата и за извршната власт во Македонија, а со тоа и унапредување на моменталната ситуација на граѓаните на Република Македонија.

ПРЕС24:  Изминативе две недели Владата почна две иницијативи. Едната е за трансформација на работниот однос на лицата со договор на дело во редовен работен однос. Каков е вашиот став за ова?

КОЧАН:  Со овој закон се регулира трансформирањето во работен однос на неопределено време на лицата ангажирани со договор на волонтирање, договор на дело, авторски договор или друг вид на договор со кој лицето е ангажирано за извршување на работа, кои извршуваат работа во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од Република Македонија и единиците на локалната самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите итн. Тоа ќе биде подобро и за граѓаните, бидејќи автоматски, со Законот за трансформација во редовен работен однос, се обезбедува решавање на статусот на неколку илјади лица, граѓани на Република Македонија, кои се ангажирани по основ на договори за дело. Претходната „нерегулираност“ и тензична  ситуација создаваше чувство на постојана неизвесност кај овие лица, кои иако извршуваат значајни и одговорни работи, постојано го чувствуваа притисокот од неизвесноста. Со овој закон се решава еден огромен предизвик, но и еден голем проблем, кој ги измачуваше бројните граѓани кои што беа во оваа неизвесна ситуација.

ПРЕС24:  И втората најавена мерка беше оперативниот план за стимулирање на вработеноста, преку активни мерки. Колку со оваа мерка може да се постигне крајната цел?

КОЧАН:  Бизнис секторот го подржа  оперативниот план за вработување кој го усвои Владата. Од новите активни мерки бенефит ќе има целата економија. На фирмите ќе им се помогне да го прошират своето производство и да отворат нови работни места, со што диркено ќе се влијае на зголемувањто на БДП.  Финансиските средства од државата ќе ги покријат трошоците за плати и за дообука на нововработените лица. Мерката која дирекно влијае на вработување на млади лица, плус ќе се субвенционираат нивните обуки, кои им се потребни да се внесат во процесот на производството. Тоа значи дека мерките ќе помогнат на фирмите да им бидат покриени и трошоците за пракса и обука на новиот кадар. Најголем дел од мерките се насочени за вработување на младите невработени  до 29 години, со што дирекно ќе се влијае за да се намали емигрирањето на младите во другите земји. Ќе им се помогне и на пасивните невработени лица, регистрирани во агенцијата за вработување, повторно да се активираат на пазарот на трудот. Крајната цел ќе биде постигната, а со тоа и реализација на професионално поле на огромен број на млади лица, луѓе во години со искуство, обучен кадар и луѓе кои имаат одредено знаење и вештини.

ПРЕС24:  Законот за задолжително плажање на придонесите за хонорарција петрпе одредени измени. Сепак дали ова решение е најсоодветно за да се спречи злупотребата на хонорарците, како што беше најавено во основата за негвото носење?

КОЧАН:  И покрај судирот на различни мислења и толкувања на новиот закон, Сојузот на стопанските комори (ССК) на Македонија ги поддржува промените на законот за хонорарци и смета дека тоа е еден добар чекор, со кој што граѓаните кои работат како хонорарци ќе го почувствуваат бенефитот од нивната работа, а со тоа и прагот на вработените лица и пензионери кои остваруваат приход по основ на работа или по основ на пензија се качува на ниво на просечната плата исплатена во 2014 година. Придонесите ќе се плаќаат само на делот кој што е над просечната плата. Сметам дека новите законски измени, со кои договорите за дело и авторските договори ќе влезат во системот на задолжително осигурување, се позитивни и ќе ја елиминираат нелојалната конкуренција меѓу компаниите, а хонорарците ќе добијат социјална сигурност и еднаков третман со работниците вработени на неопределено работно време. Нормално е дека треба да се плаќаат даноци, персонален данок кој е во прифатлива висина, но од друга страна за бизнис заедницата е важно повторно да излезе од зоната на размилување како да го изигра Законот. Ова е состојба која што бизнис-заедницата може да си ја дозволи и пред се мора да ја прифати.

ПРЕС24:  Од пред една недела Владата го распиша и првиот оглас за иновации. На располагање на бизнисот се околу 600.000 евра. Имат ли кретативност компаниите за искористување на овие средства?

 

КОЧАН:  Да, објавен е огласот за распределба на 600.000 евра од Фондот за иновации кои што ќе бидат на располагање на бизнисот и иновативни бизнис идеи. Повикот е наменет за микро, мали и средни претпријатија кои не се постари од шест години, односно старт ап и спин оф претпријатија во доминантна сопственост на македонски граѓани кои имаат иновативни идеи. Бизнисмените сметаат дека е добро што конечно фондот почнува со работа и дека истото ќе биде одличен стимул за економијата. Сметам дека креативни тимови постојат, продуктивноста ќе биде базирана врз желбата за успех и промоција, како и врз желбата за автентикација на сопствената креативност. Самите компании ќе си обезбедат поголем профит и поголема конкурентност на суровиот пазар. Иновирањето и креативноста во работата ја зголемува успешноста на компаниите, вклучување и генерирање на нови идеи, или креативно комбинирање помеѓу постоечки идеи и концепти. Народски кажано, креативноста е чин на содавање нешто ново. И стојам на тоа дека компаниите имаат креативност и достојно ќе ги искористат овие средства. 

 

 

Оцени ја веста

26.02.2015 - 12:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа