Се огласи македонскиот хотел: „Труењето е од храна купена на друго место“

Хотел „Изгрев Спа и аквапарк“ денеска ги отфрли како тенденциозни и невистинити информациите за наводното труење со храна. Соопшти дека, согласно инспекциските контроли, од присутните 450 нивни гости и дополнителните 350 и 120 на две свадби, како и околу 200 лица вработен персонал, само три се пожалиле на стомачни тегоби, но тие не консумирале храна од хотелот, туку надвор, во други објекти. 

Во соопштение до медиумите, „Изгрев Спа и аквапарк“ ги изнесува резултатите од инспекциските контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведени завчера, кои покажуваат дека хотелот ја набавува храната од регистрирани и одобрени оператори за кои уредно се водат записи во соодветни контролни листи.

- Посебно напоменуваме дека во Записникот на АХВ не се констатирани несоодветности од кои би била загрозена безбедноста на храната. Наведено е дека од присутните 450 гости во хотелот и дополнителните 350 и 120 на две свадби, како и околу 200 лица вработен персонал, само три се пожалиле на стомачни тегоби, Тие не консумирале храна од хотелот, туку надвор, во други објекти, информира  „Изгрев Спа и аквапарк“. 

Како што истакнува хотелот, од разговорите со израелската туристка А.А. која престојува во „Изгрев Спа и аквапарк“ и која пријавила случај на труење на нејзините две деца, добиена е информација дека пред оброкот во хотелот, децата конзумирале смути напиток купен на место надвор од хотелот.

- Од март до јуни годинава, Центарот за јавно здравје - Охрид изврши неколку хемиско-бактериолошки испитувања и микробиолошки анализи на вода по што констатира дека земените примероци одговараат на Правилникот за безбедност и припаѓаат на прва класа од уредбата за класификација на водите. Поради овие факти, ги отфрламе сите наводи за труење со храна во хотелот и сметаме дека се тенденциозни и невистинити, стои во соопштението на „Изгрев Спа и аквапарк“.

 

 

 

17.07.2017 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа